Израел денеска ги засили нападите врз Газа откако избувна насилството на Западниот брег и по должината на границата со Либан кои резултираа со внатрешни граѓански немири меѓу арапските и еврејските граѓани.
Израелските авиони ги обновија воздушните напади врз Газа, а милитантите на Хамас реагираа со истрелување ракети кон Израел, пренесува Гардијан.
Палестинските медицински лица соопштија дека најмалку 12 лица загинале во текот на ноќта во воздушни напади во северна Газа, додека во два големи града на југот на Израел се огласиле сирени кои предупредиле на ракети лансирани од Хамас. Најмалку 132 лица се убиени во Газа од 10 мај, од кои 32 деца и 21 жена, а 950 се ранети, соопштија палестинските медицински власти. Осум лица починаа во Израел.
Меѓународните напори за медијација за смирување на конфликтот досега се покажаа залудни. Американската амбасада во Ерусалим соопшти дека Хади Амр, заменик помошник државен секретар за Израел и палестински прашања, пристигнал во Тел Авив за да ги предводи напорите на администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, да ги прекине борбите. Тој треба да се состане со израелски и палестински претставници во наредните денови. Советот за безбедност на ОН треба да расправа за ситуацијата на 16 мај.