Десетици милиони Американци се упатија кон гласачките места во вторникот, 8 ноември, да го дадат својот глас на конгресните избори. И најостро спротивставените аналитичари се согласуваат со едно – ова се клучни избори во САД, објави Цивил Медиа.
Во првите анализи на излезноста, се бележи ниска излезност на младите гласачи и Афроамериканците, пишува Њујорк Тајмс, повикувајќи се на анализа од агенцијата Каталист. Според анализите, во пораст е бројот на жените гласачи и тоа во клучните „изборни боишта“ на Мичиген и Пенсилванија, додека бројот на припадниците на расните малцинства што излегоа на гласање се во пораст во уште една клучна држава, Невада.
Конгресните избори во 2022 одредуваат која партија ќе ги контролира Претставничкиот дом и Сенатот, односно 36 гувернерски позиции и низа критични државни позиции, од државни секретари до судии од Врховниот суд на САД. Од тоа која партија ќе добие мнозинство на овие избори, ќе зависи и каква ќе биде втората половина од претседателството на Бајден, но во голема мерка ќе влијае на самата претставничка демократија во најмоќната држава во светот.
Дел од републиканските кандидати се впуштаат во кампањи за ширење дезинформации. Така, според Њујорк Тајмс, републиканскиот кандидат за гувернер во Аризона, Кари Лејк, веќе шири неточни тврдења за нефункционирање на гласачките машини во округот Марикопа, најнаселениот округ во таа држава.
„Денеска се соочуваме со пресвртница. Нашата демократија е во опасност, а ова е вашиот момент да ја одбраниме“ – рече Бајден на митингот за поддршка на демократскиот кандидат за гувернер на Мериленд, Вес Мур во понеделникот, 7 ноември.

Ноќва ќе остане нејасно која партија ќе го контролира Сенатот и колку гувернери ќе има секоја партија. Утрешниот ден, 9 ноември ќе се добројуваат гласовите од целата држава. Во моментот на подготвување на овој извештај (1:25 часот по полноќ, 9 ноември), Демократите имаат освоено 36 места, додека Републиканците имаат 30. Во Претставничкиот дом, според пребројаните гласови, 3 местa освоиле Демократите, додека Републиканците обезбедија 5. Но конечните резултати се далеку.
Најтешките изборни битки се водат во Аризона, Невада, Калифорнија и Орегон. Броењето гласови веројатно ќе се одолговлекува во Пенсилванија, држава каде што од тоа кој ќе победи во трката за гувернер ќе зависи како ќе се обликуваат законите за абортусот.
Деск на Цивил Медиа












