Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар го злоупотреби големиот христијански празник Велигден за политички цели. Половина од свето Велигденското послание го посвети на претстојните избори, и ги повика граѓаните „на гласањето во среда да направат вистински избор меѓу доброто и злото, меѓу Бога и ѓаволот“.
„Граѓаните, пак, особено оние од Православна вера, секогаш да имаат при ум дека се царско свештенство и избран народ, и затоа должни се да гласаат и изберат претставници и водачи кои што се одликуваат со морални вредности и ги исполниле или ќе ги исполнат ветувањата, за да не се случи втората измама да биде полоша од првата, т.е. слепец слепи да води. Во спротивно, гласачите виновни ќе бидат пред својата совест, која е гласот Божји во човекот“, рече владиката Петар.
Дел од медиумите ја пренесоа „пораката“ на владиката Петар, со тоа што над насловот стои банер на ВМРО-ДПМНЕ, при што им се посочува на гласачите што е „доброто“ и за кого треба да гласаат.
Тој посочи дека „ќе избереме добро или зло; вистина или лага; светлина или темнина; живот вечен или духовна смрт; Бога или ѓаволот?“, во пресрет на двојните избори на 8 мај (среда).
ЦМТ