Во Република Косово вчера, од 07:00 до 19:00 часот, се гласаше на локалните избори, осми по ред за општински совети и шести по ред за градоначалници.
Процесот на гласање се одвиваше во 948 Гласачки центри, со вкупно 2.625 гласачки места, од кои 910 центри со 2.571 гласачки места за редовно гласање и 38 центри, по едно за секоја општина, со 54 гласачки места, за да се овозможи условно гласање.
Според Избирачкиот список, бројот на граѓани со право на глас во Република Косово е 2.025.105, кои се распоредени во 38 општини.
Централната изборна комисија на првичните податоци, соопшти дека, во 21 општина, изборната трка заврши во првиот круг, додека во 17 други ќе се одржи втор круг.
Според прелиминарните податоци од Централната изборна комисија, Движењето Самоопределување ја доби трката без втор круг во три општини (Подуево, Каменица и Штимје), како и Демократската партија на Косово (Феризај, Скендерај, Хани и Елезит).
Демократската лига на Косово победи во две општини (Липјан, Истог).
Алијансата за иднината на Косово обезбеди победа во Дечани, додека Нисма во Малишева.
Во Мамуша, победи кандидатот за претседател на Турската демократска партија на Косово (КДКП), додека Листата на Рамиз Ладровци обезбеди победа во Дренас.
Српска листа победи во 9 општини населени со српско мнозинство, додека во Клокот води, но оди во втор круг со Српското национално единство.
Движењето Самоопределување ќе се натпреварува во вториот круг во 12 други општини. Во две од нив се рангираше на првото место, додека во 10 општини, кандидатите на ЛВВ за градоначалник се втори по гласови.
Демократската лига на Косово ќе се натпреварува во вториот круг во девет општини. Во шест општини се рангираше на првото место, додека во три други се рангираше на второто место.
Демократската партија на Косово ќе се натпреварува во вториот круг во шест општини, од кои во четири се рангираше на првото место, додека во две други се рангираше на второто место.
Алијансата за иднината на Косово ќе се натпреварува во вториот круг во пет општини, каде што во четири се рангираше на првото место, додека во друга се рангираше на второто место.
Првични анализи за текот на изборниот процес
Фактот дека 17 општини никој не успеа да победи во првиот круг, косовските аналитичари го сметаат како позитивен и здрав тренд за демократијата во земјата.
Според анализите, практиките од изборите во втор круг во минатото покажале дека победата во првиот круг за партиски кандидат не гарантира победа во вториот круг.
Еден од практичните примери е трката за градоначалник на Гњилане во 2021 година, кога ЛВВ беше поддржана од ПДК, со која потоа формираше коалиција.
Исходот од изборите во северните општини, но и во јужниот дел на Косово, каде што на овие избори победи Српска листа, беше лесно предвидлив, велат аналитичарите.
Според анализите, големите државни инвестиции на Србија, во комбинација со погрешната институционална стратегија на Косово, го мобилизираа електоратот на косовските Срби и ги вратија на власт четворицата градоначалници на Српската листа во северно Косово, но и во други делови.
Излезност
На изборите на 12 октомври 2025 гласаа 39,58 проценти од над 2 милиони граѓани со право на глас, за разлика локалните избори во 2021 година, на кои гласаа околу 43 проценти од околу 1,7 милиони граѓани со право на глас.
Падот на процентот на излезност на граѓаните на локалните избори, според експертите за политички случувања, е резултат на недостатокот на алтернативи за избори, како и на слабата кампања на кандидатите кои се кандидираат за градоначалник и членови на општинското собрание, но и политичката криза во земјата којашто се создаде поради неколкумесечното неконституирање на Собранието.
Нерегуларности
На денот на локалните избори во Косово, на 12 октомври 2025 година, беа пријавени неколку случаи на сомнение за изборна измама во неколку општини низ целата земја. Според косовската полиција, инцидентите вклучуваат поткуп, повреда на тајноста на гласањето и дејствија што би можеле да влијаат врз слободното определување на гласачите.
Вршителот на должноста премиер и лидер на движењето Ветевендосје, Албин Курти, на прес-конференција посочи на извештаите од анкетите за излезноста на северот на Косово.
Тој ги повика органите за правда и безбедност да „се справат со ова прашање“, тој рече дека „ова не е само грешка“.
„Она што се случи на 12 октомври во врска со известувањето за Митровица мора да се истражи и Ова не е само грешка, туку намерен инженеринг на флагрантно мешање во изборниот процес. Погрешно презентираните излезни анкети, со разлика од 16 процентни поени или повеќе од една организација и за истата општина, и објавувањето лажни вести за тоа кој бил победник пред дури и да се затворат гласачките места, не се само пропуст“, рече тој.
Курти рече дека тие пропусти „ги нарушиле“ слободните избори и интегритетот и безбедноста на државата.
Досега е завршено пребројувањето на гласовите во 27 општини на Косово.
Подготви: Д. Тахири