Во насловот едно, а во прилогот друго. Уште еден таков пример е насловот „Фајзер најефикасен против смртен исход, Синовак против хоспитализација“ кој осамна интернет порталот на ТВ Сител на 2 декември 2021.
Но, во најавата на вестите на ТВ Сител во 19 часот се тврди нешто друго:
„Фајзер најефикасен во спречување хоспитализација, најмал број смртни случаи меѓу вакцинираните со Синовак – истражување за ефикасноста на вакцините во Македонија“.
Истото тврдење, спротивно од насловот „Фајзер најефикасен против смртен исход, Синовак против хоспитализација“ го има и на почеток на видео прилогот од вестите на Youtube каналот на Сител:
„Синовак најмногу спречува смрт, а Фајзер хоспитализација, покажува првичната сеопфатна анализа на министерството за здравство.“
По објавата на ФБ страницата на ТВ Сител, грешката во насловот ја забележаа и читателите, кои коментираа: „насловот и почетокот на текстот не се совпаѓаат“, „насловот е еден , а во текстот друго“.
Најголем број читатели читаат само наслови, па така, оние што не го видоа прилогот, а ги прочитаа само насловите на порталот, ФБ страницата и Youtube каналот на Сител, ќе бидат дезинформирани за резултатите од истражувањето- која вакцина е најефикасна против хоспитализација, а кај која вакцина има најмалку случаи со смртен исход.
Затоа, не е првпат ниту последен да препорачаме: читајте ги содржините до крај. Не верувајте слепо на наслови, туку проверувајте и од други извори, доколку сакате да дојдете до вистината. Без оглед дали се работи за ненамерна грешка или злонамерна манипулација, насловите се често мамка, не дозволувајте вие да бидете пленот.
Автор и водител: Петрит Сарачини
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Стручен соработник на сценарио: Жарко Трајаноски