Доколку судот не го осуди Никола Груевски за случајот „Траекторија“ до крајот на октомври годинава, делото ќе застари и нема да има кривично гонење. Истото се однесува и за случајот „Тенк“. Доколку Груевски го затворат за пресудата за „мерцедесот“ во предметот „Тенк“ на СЈО, во 2024 ќе му застари извршувањето на казната, односно, за таа пресуда нема да оди во затвор. Тој е обвинет и во предметите „Насилство“ и „ТНТ“ на СЈО, а Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го осомничи како организатор на настаните од 27 април 2017 година.
СЈО поднесе обвинителен предлог за Груевски според членот 359 став 2 од Кривичниот законик (примање награда за противзаконито влијание) за што е предвидена затворска казна од една до три години.
Груевски делото кое му се става на товар го почнал во октомври 2012 година, а завршило во октомври 2013 година, значи дека ако до овој октомври нема пресуда за него, тој ќе биде ослободен од гонење, а процесот ќе продолжи за другите обвинети во случајот.
Првото рочиште за случајот „Траекторија“ се одржа на 6 декември 2017 година. Претседател на судечкиот совет е судијата Горан Бошевски.
Во предметот на СЈО обвинети се и екс-вицепремиерот Владимир Пешевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и ексдиректорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски за злоупотреба на службената положба и овластување.
Обвинетите под умисла на Груевски биле соизвршители во постапката за избор на компанија која ќе ги гради автопатните делници „Миладиновци – Штип“ и „Кичево – Охрид“ ги искористиле своите службени овластувања и за компанијата S.C.L. прибавиле имотна корист во износ од најмапку 155.117.256 евра, за кој износ му нанеле штета на буџетот на државата.











			
