АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
Влегувањето на Русија во Украина би претставувало политичка, хуманитарна и воена катастрофа. Од утринава Руски гас преку Полска повторно тече во Германија и Европа.
Денешниот разговор на британскиот премиер Борис Џонсон со рускиот претседател Владимир Путин може да биде преломна точка во начинот за решавање на украинската криза. Ден претходно Џонсон разговараше со украинскиот претседател Зеленски по што изјавил дека уште има време Русија да се повлече од границата со Украина. Претходно за моменталната состојба околу Украина и наредните дипломатски активности телефонски разговарале Државниот секретар на САД Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Телефонскиот разговор помеѓу Блинкен и Лавров доаѓа еден ден после жестока дискусија во Советот за безбедност на ОН, но до доближување на ставовите уште не е дојдено.
Блинкен изјави дека треба да се разговара и за загриженоста на Русија за нејзината безбедност.
Британскиот премиер Борис Џонсон воочи денешните разговори со Владимир Путин, откако претходно го посетил Киев и разговарал со украинскиот претседател Зеленски, порачал дека Русија уште има време да ги повлече големите воени потенцијали од украинската граница бидејќи влегувањето на Русија во Украина би претставувало политичка, хуманитарна и воена катастрофа.
После жестоката дискусија во понеделник на седница на Советот за безбедност на ОН помеѓу американската амбасадорка во ОН Линда Томас Гринфилд и Рускиот амбасадор Василиј Небензиа и меѓусебните обвинувања за заострување на кризата, Вашингтон порачува дека би можел да разгледа можност на реципрочни мерки за зголемување на безбедноста во овој дел на Европа, што би подразбирало повлекување на руските трупи од границата со Украина и гаранции на Запад да биде потранспарентен во врска со своите намери и воени активности во овој дел од Европа, како и зголемување на довербата кога се во прашање војните вежби и активности на НАТО во Европа. При што, на Украина и останува сувереното право сама да избере со кого ќе влезе во сојуз.
Во меѓувреме од утринава Руски гас преку Полска повторно тече во Германија и Европа, што овозможува нормализирање на снабдувањето на Европа после декемврискиот премин на резервен режим и драстичното поскапување на овој енергенс.
После разговорите Путин – Орбан во Москва, рускиот претседател изјавил дека влегувањето на Украина во НАТО ќе ја зголеми опасноста од избивање војна помеѓу Русија и Алијансата поради Крим.
„Да замислиме дека Украина е членка на НАТО, а опремена е со современи воени системи како во Полска и Романија. Кој ќе ја спречи да започне воени операции на Крим, Донбас да него споменувам. Крим е суверена руска територија, тоа е за нас решено. Да замислиме дека Украина ќе започне тука воени операции како членка на НАТО, дали треба да влеземе во војна со НАТО. Никој во овој момент не може да предвиди што ќе се случи. Потенцијалниот воен судир со Русија нема да биде ограничен само на Украина, туку ќе доведе до војна со големи размери во Европа“, изјави Путин.
Воочи овонеделните дипломатски активности, во понеделник Москва му испрати писмо на Вашингтон, како одговор на предлозите на САД како да се оконча криза околу Украина. Стејт департментот потврдува дека писмото е пристигнато, но дека нема да ја објават неговата содржина, со напомена дека би било непродуктивно неговата содржина да биде јавно објавена. Таквата одлука останува на Москва.
Москва демантира дека го испратила писмото.












