Навидум неутралната уметност повторно се користи како параван за воена пропаганда. Рускиот фотограф Валериј Мелников, со долгогодишни и длабоки врски со државните медиуми на Кремљ, се најде во потесниот избор за една од најпрестижните германски награди за фотографија, „Leica Oskar Barnack“, објави Kyiv Independent. Неговата серија „Отворени рани“ (Open Wounds) го прикажува разурнатиот украински град Мариупол, но зад објективот се крие опасен наратив кој директно им користи на окупаторите.
Мелников во своите уметнички изјави тврди се фокусира на „третата страна“ во војната — обичните цивили кои страдаат. Сепак, оваа наводна неутралност е вешто менаџиран обид да се избегне директна осуда на руската воена агресија, која во 2022 година брутално го блокираше, бомбардираше и на крајот го окупираше овој украински град.
„Да се биде неутрален кога Русија води геноцидна војна против Украина значи да се заземе страната на сторителите на злосторствата“, предупредува украинскиот фото-критичар Дмитро Кијан во изјава за Кијив Индепендент.
Со манипулативното претставување на страдањата без дефинирање на агресорот, ваквите дела пред помалку информираната западна публика сугерираат дека вината е поделена, со што индиректно се амнестира Кремљ.
Податоците од неговата биографија покажуваат дека Мелников уште од 2009 година работи за руската државна новинска агенција Rossiya Segodnya, под чија директна капа паѓаат главните пропагандни мегафони на Кремљ, како RIA Novosti и Sputnik.
Со оглед на драконскиот режим на воен надзор и цензура што руските сили ги спроведуваат на привремено окупираните територии, целосно е невозможно кој било фотограф да работи во Мариупол без знаење, логистика и експлицитна дозвола од окупациските власти. Дека неговата работа не е независна, потврдуваат и неговите претходни изложби во Москва (како онаа во Музејот на победата во 2023 година), каде неговите фотографии беа искористени за славење на таканареченото „ослободување“ и „обединување“ на окупираните украински региони.
Ова не е првпат Мелников да користи манипулативен визуелен јазик. Неговите претходни проекти за војната во регионите Донецк и Луханск од 2014 година намерно ја премолчуваат улогата на редовната руска армија, претставувајќи го конфликтот исклучиво како внатрешен судир со локални „сепаратисти“ — терминологија која директно ја презема од прирачниците на Кремљ.
Познатиот украински фотограф Евгениј Малолетка, кој го ризикуваше својот живот под бомбите за да ги документира вистинските руски воени злосторства за време на опсадата на Мариупол, посочува дека ова е класичен пример на руска „мека моќ“. Преку вакви перфидни визуелни рамки кои наводно сочувствуваат со жртвите, Кремљ успева да ја протурка својата дезинформација во срцето на Европа, користејќи го моралното слепило на меѓународните жирија кои со доделувањето на номинациите, несвесно ја легитимираат руската пропагандна машинерија.
Извор: Kyiv Independent
Насловот е редакциски | ЦИВИЛ МЕДИА
Во ера на дезинформации, националистички популизам и авторитаризам, неопходна е вашата поддршка за ЦИВИЛ.
Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, национализмот, хибридните закани и авторитаризмот
Дајте го својот придонес СЕГА.













