Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) поднесе тужба за утврдување на репрезентативноста која треба судот да ја утврди, како и барање за преиспитување на репрезентативноста на социјалните партнери во Економско социјалниот совет.Како што информираше претседателот на КСС, Благоја Ралповски, тие поседуваат документи што докажуваат фалсификување на Економско-социјалниот совет и фалсификување на репрезентативноста на социјалните партнери, пред се записник од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) каде што со тужба е исклучен еден синдикат. КСС е отстранет од Економско-социјалниот совет поради блокирање на закони или неспроведување на законите.
Како што изјави Ралповски, со КСС надвор им се дозволува на социјалните партнери да носат одлуки кои им одговараат на Владата, а не се во интерес на работничките права.
Ралповски најави дека во следниот период ќе има докази за исклучување и на други синдикати од ССМ, како и докази дека во Законот за работни односи не е утврдена репрезентативноста на Организацијата на работодавачи на Македонија.