Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и американскиот државен секретар Антони Блинкен разговараа за развојот на настаните поврзани со агресијата на Руската Федерација, како и за изјавите на Москва за можна употреба на „валкана бомба“ на територијата на Украина, пренесува Укринформ.
„Секретарот ја потврди постојаната поддршка на САД за Украина во услови на континуирана руска агресија, злосторства и реторика околу таканаречените „валкани бомби“ во Украина“, соопшти Стејт департментот на САД по телефонскиот разговор меѓу шефовите на дипломатските оддели.
Блинкен ја истакна посветеноста на САД да работат со сојузниците и партнерите за „да продолжи да ги исполнува потребите на Украина за безбедносна помош на бојното поле“.
Во понеделникот САД соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата поврзана со руската реторика која тврди дека наводниот план на Украина да распореди „валкана бомба“ на нејзина територија, но не се забележани знаци за такви подготовки.
Тие сметаат дека Кремљ сака тоа да го искористи како изговор за понатамошна руска ескалација.
Велат дека Русија ќе се соочи со сериозни последици доколку употреби било какво нуклеарно оружје.
Западните сојузници на Украина ја отфрлија секоја сугестија дека Киев гради или планира да користи „валкана бомба“, а за украинскиот претседател Володимир Зеленски ова е знак дека Москва планира таков напад со намера да го обвини Киев.
Подготви: Д. Мишев