Продолжуваат нападите и ширењето лажни вести поврзани со мигрантите во земјава. Најсвеж пример е објавата на порталот „Курир“ со наслов „ВИДЕО: Мигрант се обидел да силува девојчиња во Скопје“.
Станува збор за содржина претходно објавена на интернет порталот А1он за човек што се претставува себе си како мигрант, но всушност е деликвент кој ѝ е добро познат на полицијата. Според неформалните информации што граѓаните ги добиле од полицајци на теренот, тој пред неколку години е депортиран од Белгија, а неговиот идентитет е потврден преку отисоците на прстите, бидејќи нема документи за лична идентификација.
Порталот „Курир“, наместо да се осврне на вистинските проблеми кои ги раскажува оваа сторија, за граѓани без никакви документи за идентификација, за неказнивоста на неговите постапки и за загрижените граѓани, и овој пат со нивната „страна на сторијата“ шират лаги и манипулации.
Овој портал, како и неколку други, се веќе добро познати во јавноста кога станува збор за ширење лажни вести, со посебен осврт на мигрантите и „мигрантската криза“ во време кога, всушност, има навистина незначителен број мигранти во земјава.
За потсетување, не така одамна, за време на кампањата за претседателските избори на овие медиуми осамна содржина со наслов „Тензично на македонско-грчката граница“, поврзана со судирите на мигрантите и грчката полиција во привремениот камп Диавата во близина на Солун.
Она што медиумите намерно, или не, заборавија да го објаснат е дека кампот нема никаква врска со граничните премини на двете земји и дека се наоѓа на оддалеченост од околу 60 километри од границата.
Во екот на кампањата за локалните избори 2017 година, опозициската ВМРО-ДПМНЕ служејќи се со лаги и дезинформации, објавувани токму преку овие портали, манипулираше со своите поддржувачи кои стигаа дури дотаму што собираа потписи за референдум против изградба на бегалски кампови во повеќе општини во земјата, иако воопшто не постоеше план за изградба. Поточно, се покренаа иницијативи за референдуми на општинско ниво, заедно со локалните избори, во време кога во земјата имаше помал број мигранти отколку бројот на иницијативите.
Демантите на Владата дека нема да има населување на мигранти, ниту пак, дека ќе се градат станови за нив, не ги предомислија советите на неколку општини да донесат одлука да се одржат референдуми за прашањето за населување на мигранти и тоа на истиот ден со локалните избори.
Во тоа време, советите на дури четиринаесет општини донесоа одлуки за распишување на референдуми, за подоцна државниот инспекторат за локална самоуправа да ги поништи донесените одлуки. Сето тоа, врз основа на лажни вести, ксенофобија и говор на омраза. Референдумите не се одржаа, но ни камповите никогаш не се изградија. Единствено што остана е ненаучената лекција, и на политичарите и на граѓаните, дека манипулациите не ѝ носат ништо добро на земјата.
Маја Ивановска












