Драган Павловиќ Латас, во „Што не е јасно“ на Алфа ТВ на 28.09.2021, изнесе серија дезинформации за „Скопје 2014“ и потрошените народни пари за овој проект.
Само во кус дел од интервјуто, кажани се многу невистини, кои ги соголува прецизно и во детали Жарко Трајаноски во неговата анализа за Цивилмедиа.
Прво, податоците од „Скопје 2014 под лупа“ на Призма, велат дека вкупната потрошена сума не е „двеста и нешто милиона“ како што тврди Латас, туку над 684 милиони евра!
Второ, не е точно и дека „скоро двесте милиони се потрошени за булевари, за инфраструктури, и така натаму“, затоа што во „Скопје 2014“ нема воопшто трошоци за булевари!
Трето, За 34 споменици се потрошени 33.62 милиони евра, за Порта Македонија изградена како „скулптура“ 6.31 милиони, и уште 6.49+ милиони за други скулптури. Значи, за споменици и скулптури се потрошени над 46 милиони евра, а не неполни 20, како што тврди Латас!
Исто така, не е точно тврдењето на Латас дека во тие 20 милиони „се вклучени „и украсни фасади, и така натаму“. Фасадите се дополнителна ставка од 43.36+ милиони евра, како и плоштадите (32.21+ милиони), фонтаните (3.39+ милиони), и мостовите со скулптури и скапи огради (7.95+ милиони евра), а во „останато“ е вбројано и партерно уредување кај МНР, како и одржување, илуминација и останати трошоци, сето тоа за 11.6+ милиони евра! Ако се собере сè ова, се добива сума од околу 145 милиони евра, а не неполни 20!
Освен овие невистини, прашање е како тоа Латас тврди дека „Призма“ е „еден од нивните владини, провладини, невладини портали“, кога оваа редакција постојано објавува стории што се критички кон сегашната власт, функционери и нивните постапки?
Или можеби, Латас тргнува од лични искуства, кога во медиуми што ги уредуваше, според негово признание, повеќе од половина од вестите беа нарачки на власта на Груевски? И Груевски тогаш обвинуваше медиуми и невладини организации за дезинформации, велеше дека Скопје 2014 ќе чини околу 80 милиони евра во 8 буџетски години. Вистината е, очигледно, далеку од тоа, а токму Груевски и Латас ја дезинформирале и ја дезинформираат јавноста.
Петрит Сарачини