Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска беше домаќин на лидерите на политичките партии во неговата резиденција на Водно.
Лидерската средба се одржа по повод разгледувањето на можностите за одржување на одложените предвремени парламентарни избори на 12 април, поради прогласувањето на вонредната состојба како превентивна мерка против ширењето на Ковид-19.
На лидерската средба беа присутни претседателите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Зиадин Села, на Алтернатива Африм Гаши, на Движење Беса Билал Касами, како и претставници на ДПА.
Лидерите на политичките партии на средбата се договориле договорено да бидат побарани дополнителни информации за можноста за организирање избори од Комисијата за заразни болести, од Државната изборна комисија (ДИК), како и информација дали и кога во земјата ќе можат да допатуваат претставниците на ОБСЕ/ОДИХР, а конечниот датум за одржување на изборите се уште не е договорен.
Претседателот Пендаровски и лидерите се договориле за уште една средба на истата тема, по една недела, кога ќе имаат повеќе информации од надлежните институции.
По средбата, лидерите дадоа изјави за медиумите.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека опозицијата денеска не била спремна да разговара за датум и дека купува време.
Заев изјави дека било договорено Владата да побара попрецизни одговори од ОБСЕ/ОДИХР кога и колкава мисија би можела да прати во земјата и од Комисијата за заразни болести да димензионира протоколи за однесување имајќи предвид дека митинзи нема да може да има, дали може да се оди од врата на врата и слично. Претседателот на државата, според него, треба да одржи состанок со членовите на Државната изборна комисија (ДИК) за точните термини, како што кажа, „од – до проектирани за потенцијален датум за избори“.
Запрашан за снимките од прислушуваните телефонските разговори за ДУИ односно нивниот лидер Али Ахмети, Заев рече дека селектирани разговори биле преведувани и објавени, но потенцираше дека сите разговори што СДСМ ги поседувал ги дал исклучиво само на СЈО.
-Преведувањето на разговорите од албански на македонски, после селекцијата којашто ја правев за објавување, беа преведувани во СДСМ од членови и активисти на СДСМ и токму тоа беше претходниот чекор за да можат да се објават разговори за ДУИ. Но уште еднаш самото тоа потврдува дека се веќе селектирани разговори кои одат во подготовка во прес-центарот со самото преведување заради јавно и транспарентно објавување, што уште еднаш само потврдува дека сите разговори што СДСМ ги поседувал ги дал и исклучиво и само исклучиво на Специјалното јавно обвинителство, истакна Заев.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека доколку еден човечки загубен живот е цената со којашто треба ВМРО-ДПМНЕ да победи на следните избори, а тој да го добие следниот премиерски мандат, тогаш одбива да биде дел од таквата процедура.
На новинарско прашање дали имал близок контакт со Кичеец, Мицкоски одговори дека имало еден обид од страна на политичкиот противник да се измести вистината од вистинската оска, каде што ќе се добие впечаток којшто вие практично сега го пренесовте во форма на прашање дека практично јас не ја говорам вистината. – На барање на именуваното лице, а по претходен закажан состанок на член на структурите од партијата имавме состанок со именуваното лице и разговаравме поврзано со изборите којшто тогаш се случуваа, а тоа е пред да излезе во јавноста аферата позната како „Рекет“, рече Мицкоски.
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, по лидерската средба изјави дека сме во воена состојба со невидлив непријател, а во воена состојба збор имаат генералите, а во овој случај генералите се лекарите и епидемиолозите кои прават анализи и даваат препораки и за кои апелирам сите граѓани да ги почитуваат без разлика на нивната етничка припадност за да ја добиеме оваа глобална војна.
Ахмети истакна дека останува идната недела да имаме уште една средба за да се добијат потребните информации од соодветните надлежни институции и повторно да се собереме и да одлучиме за наредниот датум за избори.
Претседателот на Алијансата за Албаците, Зијадин Села, по средбата посочи дека Република Северна Македонија не може да си дозволи да одржи избори без присуство на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР.
-Верувам дека секој политички актер треба да има предвид дека на избори треба да се оди кога опасноста од вирусот е сведна на минимум. Според податоци и анализи од некои експерти, тоа е период кога температурите се високи. Но, за оваа треба да се изјасни и Комисијата за заразни болести, изјави Села.
Претседателот на Движењето Беса, Билал Касами потенцира дека Движењето Беса ја поддржува секоја одлука која ќе се донесе со консензус околу организација на парламентарните избори.
Касами апелираше до институциите да ги олабават мерките околу движењето на граѓаните и рече дека очекуваат од Владата на следната седница да донесе одлука за функционирање на неколку бизниси со цел граѓаните постепено се подготват од психолошки аспект за една понормална ситуација.
Азем Садику од Демократската партија на Албанците (ДПА) по лидерската средба изјави дека тие предложиле парламентарните избори да се одржат на 14 јуни.
– Јавното здравје е пред се, но треба да има избори. Според нашите информации, состојбата се подобрува и 22 дена по Бајрам или поточно на 14 јуни ние предложивме да биде ден за избори. Но, треба да се научиме да живееме со вирусот, затоа што вирусот ќе биде тука и за подолг временски период, рече Садику.
Тој потенцира дека треба да има избори кога ќе има услови и да се почитуваат сите мерки од соодветните надлежни институции.
Од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски соопштија дека на денешната лидерска средба со консензус е одлучено дека здравјето на граѓаните останува приоритет и оти на почетокот на следната недела ќе се одржи нова средба за натамошните чекори откако ќе се добијат мислења од Комисијата за заразни болести, Државната изборна комисија и Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР.
-Во однос на понатамошните чекори договорено е да се побара мислење од Комисијата за заразни болести во однос на мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси во време на пандемијата на КОВИД-19. Државната изборна комисија е потребно да достави мислење за временските рокови кои и се потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес, а исто така ќе биде побарано и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите, соопштија од Кабинетот, по лидерската средба.
Останува следната недела лидерите да се сретнат повторно кај Претседателот Пендаровски, со нови информации и предлози за конечниот датум на одржување на предвремените парламентарни избори.
Дијана Тахири