Литванија го повикува НАТО да помогне во зајакнувањето на нејзината воздушна одбрана откако беспилотно летало со 2 килограми експлозив влезе во земјата од Белорусија и се урна во воена зона за обука.
Министерката за одбрана Довиле Шакалиене и министерот за надворешни работи Кестутис Будрис испратија писмо до генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, барајќи распоредување дополнителни, „дури и експериментални“ капацитети на нејзина територија за справување со воздушните закани, пишува Политико.
Дронот ја преминал границата на 28 јули и на литванската војска ѝ требало речиси една недела да го лоцира.
Примарната теорија, според властите, е дека Русија го насочила дронот кон Киев, но тој се дезориентирал и ненамерно влегол во литванскиот воздушен простор. Иако во моментов „нема причина да се верува дека дронот бил намерно лансиран на литванска територија, ние апсолутно мора да одговориме во најголема можна мера“, рече Шакалиене. Истрагата е во тек.
Со интензивирањето на воздушните напади врз Украина во последните месеци, ризиците од вакви инциденти долж источната граница на НАТО се зголемуваат. Слични инциденти се пријавени во Полска, Романија и Латвија.
Дронот беше втор што влезе во Литванија минатиот месец. На 10 јули, руски дрон „Гербера“ се урна околу еден километар на територијата на Литванија откако влезе од Белорусија, објави Политико.