Владејачката партија на литванските социјалдемократи соопшти дека ја избрала министерката за социјални работи Инга Ругиниене за свој кандидат за премиер, што ја прави веројатен наследник на Гинтаутас Палукас, кој поднесе оставка во понеделник.
Како што пренесува Ројтерс, 44-годишната министерка за социјални работи и поранешен лидер на синдикатот Ругиниене ќе се соочи со гласање за доверба во литванскиот парламент и мора да добие одобрение од пратениците за нејзината програма на кабинетот пред да ја преземе функцијата.
„Денес донесовме одлука да ја номинираме министерката за социјални работи Инга Ругиниене за кандидат на социјалдемократите за премиерски должности“, изјави претседателот на партијата, Миндаугас Синкевичиус, за новинарите.
Ругиниене е лидер на Конфедерацијата на синдикати на Литванија од 2018 година, пред да се приклучи на кабинетот на Палукас во 2024 година.
„Се водам од левичарските, социјалдемократски вредности“, изјави таа за јавниот радиодифузен сервис на земјата оваа недела.
Социјалдемократската партија има 52 од 141 места во Парламентот и формираше владина коалиција со централно-левичарската партија „За Литванија“ и популистичката „Немунас Зора“.
Не беше веднаш јасно како двете помали коалициски партии гледаат на кандидатурата на Ругиниене.
Досегашниот премиер Палукас минатата недела објави дека ќе се повлече и поднесе оставка во понеделник, поради притисокот да го стори тоа поради неговите деловни врски со компанија во сопственост на неговата снаа.
Министерот за финансии Римантас Садзиус моментално е вршител на должноста премиер додека не се формира нов кабинет.
Следните избори за парламентот во Литванија се закажани за 2028 година.
Д. Мишев