За годинешните, седми по ред Локални избори, кои се одржуваат во недела, 17 октомври, ДИК утврди 300 листи за градоначалници и 576 за советници. Распоредот на кандидатите на гласачкото ливче со жрепка беше утврден на седница на ДИК. Партиите настапуваат самостојно или во коалиции во зависност од општините и постигнатите меѓусебни договори. На листата се наоѓаат и помали партии, коалиции, а има и 25 независни кандидати за градоначалници и 57 независни листи за советници..
Според статистиките од Државната изборна комисија, бројот на кандидатки за градоначалнички на Локалните избори 2021е уште помал од минатите. Од 301 кандидат за градоначалничко место, само 25 се жени, додека застапеноста на жените во советничките листи е видно поголема од таа за градоначалнички места.
На кандидатската листа за градоначалници на СДСМ за овие избори, од вкупно 69 кандидати, само 5 се жени. Кај ВМРО-ДПМНЕ, од вкупно 63 кандидати, само 3 се жени, кај ДУИ од вкупно 19 кандидати, само една е жена, а ниту една жена не е застапена во листите на коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива и кај Беса. Кај Левица од вкупно 8 кандидати, 2 се жени, а кај Движењето „Одлучно за промени“ – ЛДП и ДОМ, од 18 кандидати за градоначалници пет се жени. Од вкупно 14 кандидати на листата на ДПА, има само една жена.
На Локалните избори закажани за 17 октомври 2021 право на глас имаат 1 824 864 граѓани. Од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1 740 147. Во Посебните изводи од Избирачкиот список се запишани 82 461 лица, кои се на привремена работа или престој во странство, согласно евиденцијата на надлежниот орган, 1899 гласачи кои на денот на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор: 351 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.
Од вкупно 80 општини, според Избирачкиот список најмногу гласачи има во општина Куманово – 93.986, а најмалку има во општина Лозово – 1.984 гласачи.
На Локалните избори 2021 првпат ќе бидат применети терминали за читање отпечатоци од прсти на гласачите за да се утврди нивниот идентитет и за да се избегнат евентуални неправилности при гласањето. Како што најави претседателот на ДИК во тек е едукација на членовите на изборните органи, а паралелно течат и сите други активности за успешно организирање на изборите.
Како и за Парламентарните избори 2020, и годинава изборите се одржуваат со спроведување мерки за заштита од Ковид-19 и се формирани посебни изборни комисии за лицата кои ќе искажат интерес за гласање, а на денот на изборите ќе бидат во изолација или позитивни на коронавирусот.
Народниот правобранител ги потсетува граѓаните дека во неговата канцеларија функционира бесплатна телефонска линија 0800 54321, на којашто граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на нивните права, како за време на одржување на изборната кампања, така и на деновите на одржување на првиот и вториот круг од Локалните избори 2021 (17 и 31 октомври 2021).
По пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, а сите поплаки кои ќе стигнуваат по завршување на работното време, по 16 часот, ќе бидат снимени, се посочува во соопштението од Народниот правобранител. Исто така, за пријавување на повреди граѓаните можат да се обратат и во шесте подрачни канцеларии секој работен ден.
За Локалните избори 2021 акредитирани се вкупно 1045 домашни и странски набљудувачи и преведувачи. Според податоците од Државната изборна комисија, изборите ќе ги мониторираат 714 домашни набљудувачи. Акредитирани се 512 набљудувачи од Граѓанската асоцијација АКСИОС 2017 Скопје, 190 набљудувачи од Здружението ЦИВИЛ – Центар за слобода Скопје, како и 12 набљудувачи од Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид-Скопје.
Акредитирани за набљудување се и 219 меѓународни набљудувачи и 40 преведувачи.
Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 217 набљудувачи, Американската амбасада 15, Британската амбасада Скопје 7, Амбасадите на Франција и на Унгарија по 6, ИФЕС и амбасадата на Албанија по 5, амбасадите на Русија, Холандија и Италија по 4, амбасадите на Чешка и Хрватска, и Централната изборна комисија на БиХ по 3 набљудувачи, амбасадите на Грција, Бугарија и на Шпанија по двајца и амбасадата на Белгија еден.
Првиот круг на локалните избори 2021 се одржува во недела, 17 октомври.Избирачките места се отвараат во 07.00 часот, а се затвараат во 21.00 часот. Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 31 октомври, а кампањата за втор круг ќе трае до 29 октомври на полноќ.