Од 27 до 29 јануари годинава, во Македонија се извршени засилени селективни контроли и прегледи на 128 патнички возила, на 11 товарни возила, на 23 туристички автобуси и на 375 лица на три гранични премини, Табановце, Блаце и Деве Баир. Оваа акција е дел од регионалната операција “Western Balkan Action Day 2016”, за спречување нелегална трговија и криумчарење на оружје и муниција, а во рамките на ЕМПАКТ – заедничките акциски денови на Европол.
„Нема ништо конкретно што е пронајдено од овие прегледи, во овие активности… Поентата е заедничката соработка на државите во спроведување на целата акција. За време на операцијата, преку СИЕНА апликацијата, беа разменети 117 пораки. Од нив, примени се 96 и испратени 21 порака. Од Република Македонија беа иницирани 13 барања за проверки. Воедно, преку електронската официјална пошта на МВР беа разменети 250 пораки за извршени проверки во рамки на операцијата“, соопштуваат од МВР.
Освен Македонија во оваа обемна операција на Европол беа вклучени уште 17 држави: Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Романија, Естонија, Шпанија, Швајцарија, Шведска, Велика Британија, Белгија, Холандија, Грција и Унгарија, додека на граничните премини беа присутни и претставници од „Фронтекс“.
За координација на акцијата во Европол беше формиран Оперативен координативен центар, во кој, покрај експерти од Европол, присуствуваа и претставници од земјите-учеснички во акцијата.
„Од Република Македонија во Оперативниот центар во Европол активно учествуваа двајца претставници од Министерството за внатрешни работи и мобилни тимови на Царинската управа. Координатор на акцијата на национално ниво беше Одделот за криминалистичка полиција“, соопштува МВР.