ДЕСТАН ЈОНУЗИ
Дваесет дена пред изборите, според законот, кампањата уште не почнала. Но, во Македонија тоа е само формалност. Кандидатите веќе тропаат на вашите врати, се сликаат по маалските кафулиња, и фрлаат ветувања како конфети на карневал. Програми? Ах, тие ќе бидат „публикувани“ некаде кога партиските штабови ќе се сетат да ги напишат.
И што им нудат тие на граѓаните? Добра насмевка? Некои празни фрази? Суштински – воздух без содржина. Денес ветуваат едно, утре ќе најдат нова хартија и ќе ветат друго. По изборите? Добредојдовте во класичната македонска серија: четири години неизвршени ветувања, со изговорот „вината е кај политичките опонентите“.
Да бидеме реални: ова не е кампања, туку психолошка игра на доверба, тестирање на пулсот на граѓаните, и градење на привид на блискост. Секоја посета на граѓанинот е едноставно маркетинг трик, со цел да се „пипне теренот“ уште пред официјалниот старт.
А ако се прашувате дали е легално? Според Изборниот законик, започнувањето на кампањата пред законскиот датум е илегално. Но кој се грижи за тоа? Државната изборна комисија гледа, но ретко се обидува да ги казни „креативните“ кандидати. Во пракса, правилата се како прирачник што никој не го отвора – важат само кога ќе се сети некој.
Ако политичар кој веќе пред да започне кампањата ја крши законската рамка дојде на функција, што мислите дека ќе прави со реалната власт?
Додадете на тоа директни акции на партиите – едни „се грижат за народот“ со фотографии на Фејсбук, други „тркаат“ по маалата како да се дел од рејтинг шоу, и добивате чист циркус на политички лицемери и празни ветувања.
Секое тропање на врата, секој збор со убав тон, и секоја „неформална средба“ – проверете ја со прашањето: „Дали ова е вистинска програма или само предизборен трик?“
Вистинското прашање што сите треба да си го поставиме е: дали демократијата навистина победува кога правилата се кршат уште пред кампањата да започне, а политичарите ве гледаат како „терен за експеримент“ наместо како граѓани?
Текстот е личен став на Авторот./ Фронтлајн