Пратеникот на ДУИ, Изет Меџити, денеска пред да влезе во Собрание, потврди дека целосно ќе ја подржи листата на предложените кандидати за министри во новиот владин кабинет. Тој призна дека имало несогласувања во партијата, но не сакаше да прецизира со кого имаше спротивставувања.
Сепак, вели на крај ќе биде како што одлучува мнозинството. И Меџити како неговиот лидер Али Ахмети, поделбите ги нарече „демократски внатрепартиски процес“.
„Имам мои забелешки за дел од извршната власт, сме дебатирале длабоко и кога ќе се сумира дебатата и аргументите за мене е последен зборот на претседателот на партијата, Али Ахмети. Не сакам јас да придонесам за да пропадне една Влада која има подршка од нашите партнери ЕУ и САД. Во демократијата е вредност да опстоиш до крај за своите ставови, и на крај одлуките на мнозинството треба да се почитуваат. Ќе гласам за оваа Влада заедно со моите забелешки за дел од Владата”, изјави Меџити пред да влезе во Собранието каде денеска се одржува седница за одредување на бројот на потпретседатели.
На денешната седница се очекува да се констатират и оставките на пратениците кои ќе одат во извршната власт и ќе се верификуваат мандатите на новите пратеници.
Арбен Зеќири