Премиерот Зоран Заев, по синоќешната седница на централниот одбор на СДСМ, истакна дека уште најмалку тројца министри ќе бидат сменети и неколку директори на јавни претпријатија.
„Ќе бидат повеќе министри. Бројката не ја кажувам. Имајќи во предвид дека досега се променети шест министри, култура, правда, образование, и тројца без ресор, јас сум блиску до вкупната бројка од една третина, што значи, ќе одиме со избор на Влада. Ова значи дека ќе има повеќе од тројца министри. Кога ќе ги донесеме одлуките за новите, ќе ги кажеме и кои се министрите кои ги разрешуваме, рече премиерот Заев.
Министер повеќе нема да биде и Љупчо Николовски кој е поставен за нов генерален секретар на СДСМ, на местото на разрешениот Александар Кирацовски, а Заев им се заблагодарил и на организациониот секретар Миле Зечевиќ, и на Дане Талевски за меѓународни работи. Лидерот на СДСМ рече дека на претседателските избори граѓаните им испратиле кристално чиста порака.
Разрешени се: Александар Кирацовски, сите шест потпреседатели на СДСМ – Оливер Спасовски, Фросина Ременски, Петре Шилегов, Дамјан Манчевски, Мухамед Зекири и Благој Бочварски, потоа координаторката на Форумот на жени на СДСМ, Цветанка Ласкова, Миле Зечевиќ како и целиот Извршен одбор.