Првото сеопфатно истражување за социо-економските димензии на исклучувањето на ЛГБТИ-лицата, се спроведува месецов во Македонија. Истражувањето паралелно се спроведува и во другите земји од Западен Балкан – Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, како и во земјите што се веќе членки на Европската Унија – Хрватска и Словенија.
„Причините поради кои се спроведува ова истражување се состојат во недостигот на капацитети, знаења, податоци и волја на властите во земјите од регионот за развивање и спроведување на политики кои ги поддржуваат ЛГБТИ-правата и еднаквоста. Иако државните институции засилено повикуваат на адресирање на прекршувањата на човековите права на овие лица, сè уште не е широко сфатено дека исклучувањето и насилството врз ЛГБТИ-лицата, како и отсуството на инклузивни практики и политики претставуваат пречки кон одржливиот развој на едно општество“, изјави во разговорот за ЦИВИЛ Медиа, Антонио Михајлов, претседател на граѓанската организација „Субверзивен фронт“.
„Целта на истражувањето е подигнување на свеста кај властите во овие земји, за развојните димензии на дискриминацијата врз ЛГБТИ-лицата и зајакнување на капацитетите на властите во адресирањето и намалувањето на нееднаквоста, исклучувањето, насилството и дискриминацијата, доживеани од ЛГБТИ-лицата“, објаснува Михајлов.
„Ова истражување е најголемото од ваков вид досега, и претходно беше спроведено во 2012 година, во земјите на Европската унија, каде беа опфатени 93. 000 ЛГБТИ луѓе“, ни изјави Михајлов.
Истражувањето е поддржано од Светска Банка, а го спроведува Ipsos Strategic Marketing, Williams Institute при UCLA и ЕРА – ЛГБТИ Асоцијацијата за еднакви права за Западен Балкан и Турција.
Во Македонија спроведувањето на истражувањето го помагаат организациите Субверзивен фронт, Коалицијата СЗПМЗ, ЛГБТИ-Центарот за поддршка, ЛГБТ Јунајтед Тетово, ХЕРА, ЕГАЛ и Женска алијанса.
Марија Теговска