Директорката на државниот испитен центар, Билјана Михајловска денеска на прес конференција информираше дека годинашната средна оценка на матурата е 3,25 и како што потенцираше, иако е пониска од претходните години, сепак е одлична оценка по однос на објективноста.
Споредбено со минатите години, постои намалување (3,65 во 2023 година, 3,78 во 2022 година и 3,61 во 2021 година) кое, според Државниот испитен центар како надлежна институција за спроведување на процесот е резултат на заострените мерки при полагањето кои овој пат беа преземени.
„Оценката можеби е малку пониска, меѓутоа споредено со она што сме го имале минатата година како начин на фунцкионирање, можам да кажам дека е одлична оценка по однос на објективноста“, рече Михајловска.
Вкупно 14.834 пријавени кандидати, на 1 јуни го полагаа задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, додека на 8 јуни се полагаше изборниот предмет, а тестирањето се спроведе во холовите и спортските сали на училиштата, заради поголема прегледност и контрола на набљудувачите над учениците.
Фото: МИА