Апелациониот суд Скопје им ја замени мерката притвор на Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими со куќен притвор до правосилност на пресудата за случајот „Титаник 2“.
Како што соопшти Апелација, обвинетата Анета Стефановска доби мерка на претпазливост – Обврска на обвинетата да се јавува повремено во Основен суд Битола секој работен вторник, до правосилност на пресудата.
Апелација им ги одби како неосновани жалбите на Сашо Срцев и Влатко Сајковски.
Во првостепената пресудата за „Титаник 2“ Мијалков е осуден на три години затвор, Мендух Тачи на три години и два месеци, Бедредин Ибраими на четири години и шест месеци, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска добија по три години затвор.
Судот го прифати барањето на СЈО и им определи притвор на Сашо Мијалков и на Бедредин Ибраими, а останатите четворица осудени добија мерки за претпазливост. Обвинителите побараа притвор поради опасност од бегство.
Според обвинението од СЈО, Мијалков како директор на УБК и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го искористил своето влијание и преку Мендух Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица на локалните избори 2013 година.
Мијалков има мерка куќен притвор по барање на СЈО и за случајот „Империја“, а Врховниот суд ги ослободи од куќен притвор останатите осомничени во Империја, Камчев, Панделевски и Јосифовиќ со образложение дека СЈО нема право да бара притвор за овие лица затоа што истрагата за „Империја“ била покрената по јуни 2017 година.