„Измените во Законот за лични карти во делот на впишување на етничката припадност на граѓаните се прифатливи за нас, но неприфатливо е на документот да стои новото уставно име Република Северна Македонија“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
„Има обид за филибастеринг во Собранието. Можам да кажам дека повеќе пратеници гледаат оти зад нарачката стои Зоран Заев кој дал одредени ветувања кон коалициските партнери што сега не знае, не сака или не може да ги испорача. ВМРО-ДПМНЕ е на став дека во личната карта е прифатливо да стои Македонец, Албанец, Србин, Турчин или што и да е носителот на документот, но бараме во новите лични карти да не стои новата придавка на државата за која има рок од пет години според договорот на Заев, Димитров и Ципрас. Тој период не е минат и такво нешто не треба да се реализира. Моментно немаме отпочнато преговори за членство во Европската Унија, па сметаме дека не мора да се исполнива сè и сешто“, истакна Милошоски.
Собранието сè уште не ги разгледа 1.230-те амандмани предложени од Левица. Предлог-законот за лични карти беше доставен до Собранието по кратка постапка, со прифатено барање на БЕСА во личните карти да биде вметната етничката графа.