Викендов, 13 и 14 април, во Дебар министерот за образование, Арбер Адеми, министерот за економија, Крешник Бектеши и вице-премиерот Бујар Османи, одржале повеќе средби со претставници на различни сектори.
Посетите, сами по себе, се логични, бидејќи целта е да се поддржи сопартиецот Хекуран Дука, како еден од кандидатите за градоначалник на општина Дебар и особено затоа што не се случуваат во работно време.
Она што е индикативно се обраќањата на министрите за време на средбите и нивните ветувања пред граѓанките и граѓаните, односно нивните говори од позиција на министри, а не сопартијци на Дука.
Така, министерот Бектеши изјавил дека единствениот пат за реализација на економскиот развој на Дебар е преку поддршката на кандидатот Дука. Или, поедноставено, министерот за економија им соопшти на граѓаните на Дебар дека нема економски развој за општината, ако нивниот кандидат не стане градоначалник на општината.
Вицепремиерот Бујар Османи, на средба со граѓаните потенцирал дека зад кандидатот Хекуран Дука ќе застане целата Влада и ќе ги поддржи неговите проекти. Ваквата постапка на Османи не само што е груба злоупотреба на службената положба, туку претставува и мешање на надлежностите на централната власт врз локалната.
И министерот за образование, Арбер Адеми, не заостанал зад своите колеги и сопартијци, ветувајќи им на граѓанките и граѓаните на Дебар дека, доколку Дука стане градоначалник на општината, лично тој ќе се заложи за напредокот на образованието во Дебар.
За потсетување, злоупотреба на службената положба е секоја постапка на функционерите и службените лица со која ги искористуваат своите овластувања, ги пречекоруваат или не ја вршат својата службена должност за да добијат некаква корист.
Во изборен контекст, злоупотребата на службената положба, подразбира искористување на положбата на службеното лице за изборни цели. На ваквите злоупотреби се однесува уште едно поглавје во Кривичниот законик, Глава 16 – Кривични дела против изборите и гласањето. Ваквата злоупотреба на службената положба најчесто се однесува на вршење притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи кои се финансирани од буџетот на државата, буџетите на општините, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.
Ветувањата на министрите на ДУИ искажани на средбите во Дебар, се дел од работата на Владата кои се должни да ги спроведат без разлика на тоа кого граѓаните на Дебар ќе изберат да биде градоначалник на претстојните предвремени локални избори во општината.
Маја Ивановска
во соработка со мониторинг тимот на ЦИВИЛ