Нема(л) време за читање писма, зафатен е со (жешки) телефонски разговори
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, отако му даде време на времето, денеска го добил и го прочитал писмото на, како што вчера го нарече „граѓанинот“, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со „неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата“. Во меѓувреме, вчера имал како што вели „искрен и пријателски телефонски разговор со Бојко Борисов, на кој со задоволство му ја честитал победата на сестринската партија ГЕРБ на парламентарните избори во Бугарија“. Но, што содржел целиот разговор, јавноста нема информации, туку само тоа што кажал Мицкоски.
„Го добив писмото, го прочитав. Писмото би го поделил во два дела, првиот дел е геостратешки осврт на состојбата во регионот, вклучително Блискиот Исток и Украина, додека вториот дел е обвинување на уставните судии коишто ги избрало мнозинството на СДСМ и на ДУИ дека спроведуваат програма на ВМРО-ДПМНЕ. Не сум знаел дека овие судии избрани од мнозинството на СДСМ и ДУИ спроведуваат програма на ВМРО-ДПМНЕ, дека бил загрижен за предметот поврзан со законот за јазици и да сум интервенирал кај уставните судии избрани од СДСМ и ДУИ да внимаваат што прават бидејќи на тој начин можеле да ја дестабилизираат државата. Тоа е писмото, јавноста нека оцени дали тоа заслужува коментар, рече Мицкоски.
Според него, поминало времето кога политичарите можеле на тој начин да влијаат на одлуки на судии и обвинители.
Ахмети апелира политичките партии и институции да бидат одговорни и зрели во овој критичен период со цел да ја зајакнат соработката и заедништвото, а не поделбите. Писмото на Ахмети до Мицкоски е во контекст на неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и стабилноста на земјата. Тој потенцира дека на Мицкоски му се обраќа во исклучително чувствителен период за нашата земја, кога геополитичката ситуација е поопасна од кога било со ескалацијата на руската агресија во Украина, амбициите на Кина, комплицираната ситуација на Западен Балкан, нестабилноста во Босна и Херцеговина, тензиите меѓу Косово и Србија, и континуираните блокади од Бугарија.
„Во оваа компликувана средина, секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост. Неодамнешните одлуки на Уставниот суд кои, се чини, дека се извршување на програмата на вашата партија за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикаа загриженост кај сите граѓани што се залагаат за градење стабилни меѓуетнички односи во Северна Македонија. Секој обид да се доведе во прашање Охридскиот договор, особено во сегашниот контекст, е чекор што може да ја влоши состојбата во земјата и регионот“, пишува Ахмети.
Тој како политички контроверзна и штетна ја оценува најавата за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците и дека тоа може да ги поткопа тешко стекнатите придобивки и да ја втурне земјата во периоди на несигурност.
„Затоа, ве повикувам да размислувате со разумност и одговорност за овие одлуки што имаат потенцијал да ја нарушат мултиетничката кохезија во Северна Македонија. Иднината на нашата земја мора да се гради врз основа на соработка и меѓусебно почитување, а не поделеност. Секој чекор што ги урива овие темели е штетен за иднината на нашата држава и за сите нејзини граѓани, без разлика на етничката припадност“, му пиша Ахмети на Мицкоски.
Претходно, писма со слична содржина Ахмети пратил до претседателот и до премиерот на Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, до претседателката и до премиерот на Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, до канцеларот на Германија, Олаф Шолц, до претседателот на Франција, Емануел Макрон, како и до државниот секретар на САД, Ентони Блинкен. Лидерот на ДУИ на државниците им пишал дека поради најновите политички и уставни случувања, се загрозуваат постигнувањата на Охридскиот договор.
Според Ахмети, Уставниот суд планира да ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, а зборува и за одлука за забрана на идентификацијата на етничката припадност на граѓаните во државните институции. Според ДУИ, писмата испратени од Ахмети се однесуваат на три неодамнешни одлуки: можното укинување на Законот за употреба на јазиците, забраната за етничка идентификација во државните институции и формирање влада без правична етничка застапеност.
Мицкоски телефонски му честитал на Борисов, кој беше негов фаворит за да победи на изборите
Премиерот Христијан Мицкоски, на Фејсбук, напишал дека остварил искрен и пријателски телефонски разговор со Бојко Борисов, на кој со задоволство му ја честитал победата на сестринската партија ГЕРБ на парламентарните избори во Бугарија.
„Во текот на разговорот изразив уверување дека ќе се формира стабилна Влада на десниот центар во Бугарија, која ќе даде придонес во отстранувањето на пречките што го успоруваат македонскиот пат кон Европската Унија. Верувам дека само со заеднички напори и дијалог можеме да градиме подобра иднина за сите граѓани на нашите две земји. Очекувам дека македонско-бугарските односи ќе продолжат да се развиваат во позитивен и продуктивен правец, водени од почит и разбирање, за доброто на сите нас“, напишал Мицкоски.
Но, изостанува информацијата што му одговори Бојко Борисов на нашиот премиер, дали само молчел и слушал или сепак имало некаков дијалог.
Во Бугарија завршија изборите, во Македонија молк за мистериозното писмо до ЕУ за евроинтеграцискиот пат
Министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Орхан Муртезани, (на 8 октомври ) рече дека Брисел не гледа со голем оптимизам за предлогот за уставни измени со одложено дејство, но не го отфрлува целосно. На прашањето за најавите на премиерот Мицкоски дека ќе се праќа писмо со идеи во ЕУ за решавање на ова прашање, Муртезани кажа дека овие најави на премиерот се всушност изнаоѓање нови решенија, кои, како што посочи, се во фаза на интерни разговори во Владата.
„Најавите на премиерот се токму тоа што веќе го спомнав дека се работи на изнаоѓање нови решенија кои се во фаза на интерни разговори во Владата. Досега немаме финален предлог, меѓутоа и да имаме таков нема да брзаме да го објавиме пред да бидат завршени изборите во соседна Бугарија, бидејќи сметаме дека периодов и да имаме најдобар можен план, не знаеме дали ќе биде прифатен од другата страна, затоа се работи интензивно на изнаоѓање решенија, и мислам дека ова е правилниот пристап за понатаму, рече Муртезани.
Премиерот Мицкоски неодамна се одлучи да не го праќа мистериозното писмото до Брисел поврзано со евроинтеграцискиот пат, туку замоли „да му дадеме време на времето“, бидејќи за тоа што ќе се случува во иднина во многу зависи и од претстојните избори во Бугарија.
Изборите во Бугарија завршија, победи сестринската партија ГЕРБ, на Бојко Борисов, кој впрочем беше фаворит на Мицкоски.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН не играат фудбалчиња, туку работат на Коридорите 8 и 10, на „Бехтел и Енка“, кој го раководеше владата на Ковачевски и Груби во 2023 година
Договорот со „Бехтел и Енка“ станува приоритет за премиерот Христијан Мицкоски, кој сака Македонија да ја види како главна транспортна, железничка и гасоводна крстосница во регионот.
Ова го истакна премиерот Мицкоски само по неколку дена по посетата на претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен која дојде во Скопје на (24.10.2024 ). Таа на заедничката прес конференција со Мицкоски, која го нарече „драг Христијан“, покрај тоа што истакна дека оворањето на кластерот фундаментални вредности од македонските преговори со Европската Унија е на само чекор, само уште да се донесат уставните измени на кои што Северна Македонија се согласи дека ќе ги направи, таа додаде и дека ЕУ инвестираа во чист транспорт за побрза поврзаност помеѓу регионот и со Европа.
„Ова го вклучува мошне важниот проект за железничкиот Коридор 8 со кој се поврзувате со Албанија и Бугарија и Коридор 10 кој минува од Грција до Будимпешта и низ целата ваша земја. Овие инвестиции ќе ја претворат Северна Македонија во клучен транспортен центар и тоа ќе придонесе значителни придобивки за луѓето од Северна Македонија“, истакна Фон Дер Лајен.
Пет дена по посетата, договорот со компанијата „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10д стана приоритет за Мицкоски. Владина делегација го најави започнувањето на изградба на автопатот Гостивар – Букојчани, со што, според нив, по 50 години се гради нов модерен автопат на Коридор 8. Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, при увид во градежните работи на изградба на автопатот Гостивар-Букојчани, најави дека од Скопје до Охрид и Струга ќе се патува за час и половина.
Мицкоски истакна дека сака Македонија да ја види како главна транспортна, железничка и гасоводна крстосница во регионот.
„Денеска за нас ова претставува значаен момент бидејќи после две години, буквално после две години, ветувања и празни муабети денеска конечно може да се види нешто коешто треба да претставува дел од оној сон којшто го имаме како Влада, а тоа е како нашата земја да биде држава домаќин на три раскрсници. А, тоа е раскрсница транспортна, железничка и енергетска. Тоа е нашиот сон. Тоа е мојот личен сон и ќе сторам сѐ како претседател на Владата да стане и реалност“, рече Мицкоски.
Николовски нагласи дека започнаа со реални работи на терен за изградба на автопатот Гостивар-Букојчани, најтешката траса од автoпатскиот коридор 8 на запад.
„Овој автопат целосно ќе го промени функционирањето на економијата, но исто така ќе го промени и туризмот, а ќе се забрза и економскиот раст. Ова ќе значи голема поврзаност за сите“, рече Николоски.
Првиот вицепремиер Изет Меџити, пак, му порача на Ахмети дека работат и дека не го интересираат празни муабети и играње фудбал.
Тука денес не сме за писма и празни муабети ниту да играме фудбал. Доста се изнаслушавме во минатото. Тука сме за конкретна, значајна работа, а тоа е „Коридорот 8“ и среќен сум што динамиката е во полн ек за реализација на овој важен проект за државата, рече Меџити.
Мицкоски го повтори ставот на Меџити, додавајќи: „ние не играме фудбалчиња, ние сме одговорни.
Исто така неодамна во Берлин, премиерот Мицковски и неговата министерска екипа беа потсетени да се вратат на една од преземените обврски на Република Северна Македонија како држава, а тоа е изградбата на пругата кон Бугарија. Не може повеќе кон изградбата на меѓународните коридори 8 и 10 што минуваат кон земјата што се смета за крстосница на регионот да се гледа од позиција на пешак или коњоводец. И кон таа проблематика кусогледо да се застапува некаков поситен од јавниот интерес.
Чија е заслугата и кому радости му носи проектот на „Бехтел и Енка“?
Коридорите 8 и 10, брза лента за Македонија кон светот. Официјално, почетокот на изградбата на Коридорот 8 беше означен на свечена церемонија на 4 април 2023, додека „камен темелник“ на Коридорот 10 Д се постави на 12 мај. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци, а проектот за изградба на коридорите ќе чини 1,3 милијарда евра.
Со знакот на зеленото знаменце на премиерот Димитар Ковачевски кај ТИРЗ Прилеп стартуваа градежните машини, со што беше означен почетокот на подготвителните работи за изградба на автопатот Прилеп-Битола кој ќе го гради американско – турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
А беше откриена и табла за почетокот на изградбата на автопатот кој треба да биде долг 39,3 км. и да биде завршен за 57 месеци.
„Нашата држава конечно од кружен тек на Балканот станува вистинска крстосница на Балканот, инвестиција со која Северна Македонија ја позиционираме на економската и инфраструктурната карта на Европа. Не само што ги поврзуваме градовите и регионите, туку и ја поврзуваме нашата држава со околните држави и со светот со модерна патна инфраструктура која ќе привлече туристи, но и странски инвеститори со што ќе се подобри имиџот на нашата држава во светски рамки“, истакна тогашниот премиер Димитар Ковачевски.
Поранешниот прв вицепремиер на Владата, Артан Груби, носејќи маица со број 10, рече дека никој повеќе не може да го кочи напредокот на Македонија и дека со овие проекти бил ставен крај на заложништвото на Собранието и граѓаните и никој не можел да го запри возот кој одел за Брисел.
„Ниту Мицковски, ниту Свети Мицко може да го запре овој проект и сите влади, а следната влада секако ќе биде истата како што е оваа денес, ќе го заврши овој проект, ќе ги пресече лентите и сите граѓани ќе се возат по нив“, додаде Груби.
Поранешниот вицепремиер Груби исто така на свеченоста по повод стартот на изградбата на патниот Коридор 8, на првата наплатна рампа на автопатот Тетово-Гостивар, носеше маица на која беа исцртани линии за патни ознаки за „дозволено престигнување“ и „лента за застанување“. На лентата е испишана и бројката 8, која го симболизира Коридорот 8.
Груби, кој го предводеше Комитетот за изградба на коридорите 8 и 10 Д по специјалниот закон за „Бехтел“ и „Енка“, тогаш изјави дека многу му е поважно да се памети по изградбата на овој автопат отколку да биде прв премиер Албанец.
Лани започна изградбата на Коридорите 8 и 10, ДУИ задоволни и го поздравуваат продолжувањето на проектот, од СДСМ прашуваат зошто сега договорот за Мицкоски повеќе не е „историски криминал“
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) на денешната прес конференција изразија задоволство што изградбата на Коридорите 8 и 10д продолжува.
„Ова само го потврдува нашиот стабилен визионерски пристап и долгорочните политики за напредок на земјата и за изградба на модерна патна инфраструктура“, се истакна на прес конференцијата.
Во октомври минатата година, првиот вицепремиер и координатор за изградбата на коридорите 8 и 10д Артан Груби и член на ДУИ, изјави дека државата нема платено ниту еден пенал на конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на делниците од Коридорите 8 и 10Д.
Од опозициската СДСМ, во денешното соопштение истакнуваат дека Мицкоски го сменил ставот откако седнал во премиерската фотелја.
„Кога беше во опозиција Мицкоски на сите ѕвона го прогласи договорот со ‘Бехтел и Енка’ за „историски криминал” и тврдеше дека е ‘спорен по сите основи’. Е ама откако седна во премиерската фотелје смени лента Мицкоски преку ноќ. Сега наеднаш Мицкоски го фали со истиот тој договор со „Бехтел и Енка”, гордо кажува дека е добар за државата, раскажува колку биле значајни проектите за изградба на Коридорот 8“, се вели во соопштението.
За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции – да се раскине или да се репреговара. Едната е да се раскине договорот и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е да се оптимизира договорот за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот, изјави Мицкоски, на 16 мај, пред да стане мандатар на новата Влада.
Парите од унгарскиот кредит за општините имаат „употребна вредност“ поврзана со локалните избори идната година
Градоначалниците на општините ги потпишаа проектните договори кои ги добија од јавниот повик на Владата за поддршка на локалната власт. Од вкупната вредност од 100 милиони евра од првата фаза, општините заработија околу 67 милиони евра за 274 проекти.
Четирите општини, Град Скопје, Струмица, Сарај и Теарце на кои не им беше прифатен ниту еден проект останува да аплицираат повторно до 15 ноември, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот Мицкоски смета дека одлуката на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов од СДСМ, да го напушти ЗЕЛС е погрешна и дека тоа е негова одлука, а не на општината.
„Не верувам дека Струмица најави најави напушување на ЗЕЛС, најави градоначалникот на Струмица. По мене, тоа ќе биде погрешна одлука, но тоа е негова одлука, иако мислам дека таа е донесена во една поспецифична состојба и мислам дека е потребно најпрво да се консултира со Советот, а ако и Советот така неодговорно се однесува кон струмичани, тогаш нека им е со среќа“, рече Мицкоски.
Премиерот очекува на следните локални избори, Струмица да добие градоначалник, кој, како што рече, „ќе мисли на струмичани, а не на своите лични партиски фрустрации“.
Од Општина Струмица официјално соопштија дека се откажуваат од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а градоначалникот Костадин Костадинов дека ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Напуштањето на ЗЕЛС, како што информираа, е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит.