Вечерва, пред граѓаните на општина Ѓорче Петров, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги претстави кандидатите за градоначалници на општината и на Град Скопје, д-р Александар Стојковски и Данела Арсовска.
Мицкоски ги повика граѓаните, „да излезат на 17 октомври уште рано наутро и да го заокружат името на Александар и на Данела“.
Тој им се обрати на кандидатите, пред се на Александар Стојковски, како што рече, преку писмо кое го пишува до идниот градоначалник, во кое бара од нив храброст и посветеност, и очекува да се фатат за работа од првиот ден, и дека на општината и се потребни вистински проекти, а не шминка. Побара од кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров да работи чесно и според законот, како што, според Мицкоски, впрочем правел секогаш во животот.
ПРетседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави борба против урбаната мафија, и рече дека Ѓорче Петров мора да се развива според пропишаните правила и закони, а општината да стане модерна и урбана општина, со квалитет на животот, еколошки чиста, со се што е потребно за поубав и поудобен живот.
Мицкоски истакна дека Александар Стојковски и Данела Арсовска за градоначалник на Скопје ќе бидат одличен тандем кој ќе работи за доброто на граѓаните. Пред нас имаме шанса за промени, да се избориме за надеж, за ново утро, за нов почеток кој ќе значи промена која сакаме да ја видиме.


Пред граѓаните на денешниот настан одржан во паркот во Ѓорче Петров се претстави и Александар Стојкоски, кандидат за градоначалник на општината. Тој истакна дека е силно мотивиран да работи за сите луѓе, без притоа да се води сметка за нивниот политички ангажман и за нивната партиска припадност, и дека е подготвен да го вклучи сиот човечки и интелектуален потенцијал на секој граѓанин од Ѓорче Петров во развивањето на општината.
Стојкоски посочи дека Ѓорче Петров заслужува да биде модерна и урбана општина, со решени основни проблеми. Ѓорче Петров треба да биде општина пример за другите.
Стојкоски додаде дека неговата визија е на три столба, и тоа се одржливо управување и заштита на животната средина, технологии и иновации во функција на достапноста на сите граѓани, и одржливо планирање и реализација на постоечката и нова инфраструктура.












