Коментирајќи ја изјавата на помошникот државен секретар на САД, Филип Рикер, кој денеска и порача на опозицијата да престане со играње политички игри, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека на средбата подоцна со Рикер ќе му објаснел кој е тој што игра политички игри.
– Ќе имам можност за неколку часа од сега да му кажам на господинот Рикер кој игра политички игри и детално да го образложам тоа. А господинот Рикер, како искусен дипломат, слушајќи ги двете страни се надевам ќе донесе правилна одлука, рече Мицкоски на денешната прес конференција на која објави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи свое законско решение за статусот на СЈО.
Само неколку часа претходно Рикер и порача на опозицијата да престане да го кочи процесот на изгласување на Законот за јавно обвинителство. Мицкоски на тоа рече:
– Никаде не слушнав дека ВМРО-ДПМНЕ треба да го поддржи овој текст предложен од Владата. Рикер ниту во еден момент не рече дека опозицијата треба да се однесува по принципот земи или остави. Искусни дипломати не размислуваат како Заев кој сака да наметне едноумие. Не постои друга поконстуктивна улога на опозицијата од оваа што ја игра ВМРО-ДПМНЕ. Треба да се отвори прашањето дали Владата е конструктивна, рече Мицкоски.