Премиерот Христијан Мицкоски реагира дека претходната власт државата ја оставила во катастрофална состојба, посебно кога е во прашање Буџетот, и најави истраги за, според него, неодговорното работење.
„Има една катастрофална алармантна состојба која што ја оставиле, направиле Буџет за 6 месеци, како да знаеле кога го правеле Буџетот дека нема да бидат повеќе власт, па се труделе што повеќе проблеми да ѝ остават на новата Влада. Така милијарда, една милијарда денари останале непокриени, законски обврски кои морале да ги направат не ги предвидувале во Буџетот… Но, мислам дека периодот што следи истражните органи ќе имаат многу работа“, вели Мицкоски.
Според Мицкоски, состојбата во Буџетот е поради лошото менаџирање на претходната влада.
„И тоа е резултат од лошото менаџирање, а недостасуваат и 3 милијарди и 700 илјади денари за земјоделците. Милијарда и 200 илјади се пари кои треба да се платат по основ на казни поради тоа што некои од министрите дивееле и ги прераспределувале вработените во институциите надвор од законот, вработените тужеле и сега Буџетот треба да ги сервисира тие обврски затоа што некој дивеел“, посочи Мицкоски.