Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нема утре да се појави на лидерската средба, потврди денеска претседателка на Унијата на жени на партијата, Благица Ласовска.
Според неа, партијата останува на ставот дека ако воопшто се одржи лидерска средба на која ќе присуствува Мицкоски, тогаш таа ќе биде исклучиво за предвремени парламентарни избори.
Премиерот Заев пред неколку дена на лидерите на ДУИ, Алијанса на Албанците и ВМРО-ДПМНЕ им упати повик за лидерска средба, која треба да се одржи утре, на 19 јули, во 14 часот, во Клубот на пратеници.
„За приоритетни теми од наша страна ги предлагам обединување околу принципиелен договор за нов Изборен законик, на време да се почне без притисок од скори избори и да си поставиме за цел до следните избори да обезбедиме лигслатива прифатлива за сите со вградени препораки до ОДИХР. Ќе разговараме, секако и за нов изборен модел“, изјави Заев.
Како теми за разговор Заев ги предложи и Законот за обвинителство и Законот за попис.
„Јас останувам на ставот дека треба да одиме на редовни избори“, одговори Заев на новинарско прашање околу ставот на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба само ако се разговара за предвремени парламентарни избори.
Мицкоски пак на вчерашната конференција што ја одржа во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, јавно ја одби поканата за лидерската средба од Заев.
„Гледам дека Заев повикува на лидерска средба во петок, а јас ќе одговорам дека не ја гледам потребата од мое присуство на средба на која ќе се разговара за сè и тоа ќе биде алиби, а нема да се разговара за тоа што денес е потребно на Република Македонија, датум кога ќе имаме предвремени парламентарни избори“, изјави Мицкоски.
А. П.