Локалната изборна кампања влезе во нова фаза на политичка напнатост, во чиј центар се најде реториката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски. Наместо фокус на општините, проектите и развојните програми, Мицкоски избра дискурс за „политичко исчезнување на ДУИ и Али Ахмети“, што според аналитичарите ја префрла кампањата во етничка и поларизирачка насока.
Политичкиот аналитичар Ќенан Алиу, во изјава за Фронтлајн, оценува дека Мицкоски користи крајно поларизирачки и политички неоправдан дискурс.
Во сличен тон реагира и аналитичарот Урим Салиу, кој предупредува дека Мицкоски влегува на опасен терен за политичката рамнотежа во земјата.
– Политичката битка на Христјан Мицкоски требаше да биде насочена кон локалните избори и внатрешните предизвици во македонскиот блок, но тој очигледно се проширува на албанскиот политички терен. Неговата реторика против ДУИ и Али Ахмети, додека отворено покажува симпати кон коалицијата ВЛЕН, буди сомнеж за неговите вистински мотиви, вели Салиу за Фронтлајн
Според него, Мицкоски се обидува да создаде „контролирани албански партии“, кои би му служеле како послушни партнери во власта:
– Доколку еден македонски лидер се обидува да одреди кој треба да ги претставува Албанците, тоа претставува директно мешање во политичката автономија на една заедница. Тоа повеќе не е политичка битка, туку обид за контрола, додава Салиу.
Во истата насока, аналитичарот Дритон Зенку оценува дека Мицкоски не води кампања за општини, туку за политичка и идентитетска доминација.
– За него, ‘уништувањето на ДУИ’ не е локално прашање, туку национална кауза што го мобилизира македонскиот електорат, ја избегнува одговорноста и го држи ВЛЕН под контрола. Со таков наратив, тој сака да се претстави како ‘ослободител на Македонците од албанското заложништво’ и да воспостави нов политички поредок каде Албанците ќе бидат претставени само од покорни партнери,“ – вели Зенку за Фронтлајн.
Според него, општинската кампања е само сцена, а вистинската битка на Мицкоски е за апсолутна власт, во која Албанците би имале ограничена и контролирана улога.
Изјавите на аналитичарите јасно покажуваат дека локалната кампања на Мицкоски го надминува изборниот контекст и се претвора во проект за редефинирање на етничките и политичките односи во државата. Така поставената реторика, според нив, може да создаде нови поделби и да ја поткопа самата идеја за соживот која повеќе од две децении претставува темел на стабилноста во Северна Македонија.
Инаку, на партиски митинг во првиот ден од изборната кампања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го насочи својот говор кон политичкиот опонент од редовите на Албанците.
– По 15 месеци, или да речеме повеќе, година и пол, тој (Али Ахмети) отиде во опозиција, а по овие избори ќе се повлечете од политиката, ви гарантирам, истакна Мицкоски во својот говор.
Дестан Јонузи/ Фронтлајн