Македонското здружение на млади правници- МЗМП Скопје поддржа постапка за утврдување на дискриминација на лице со телесна попреченост во областа на пристап до добра и услуги.
Како што објаснија во соопштението, на 1 декември 2017 година адвокат Диме Ѓорчевски од Скопје, поднел тужба до Основeн суд Кавадарци против Општина Кавадарци, за утврдување на дискриминација на лице со телесна попреченост во областа на пристап до добра и услуги, поради пропуштање да се преземе дејствие за прилагодување на инфраструктурата и просторот и обезбедување на пристап до добра и услуги на тужителката како лице со телесна попреченост.
Општина Кавадарци го контактирала адвокатот на тужителката со цел вонсудско решавање на спорот и веќе на 20 декември 2017 година полномошниците на странките до судот доставиле заеднички поднесок со кој го известиле судот дека странките постигнале согласност постапката да биде прекината.
Во меѓувреме, како што велат од МЗМП, Општина Кавадарци ги презела сите неопходни мерки за отстранување на повредата на правото и ја прилагодила инфраструктурата и просторот на ул. „Лазо Асијата” согласно техничките стандарди, за да на тужителката како лице со посебни потреби и се обезбеди пристап до нејзиниот дом.
Откако Општина Кавадарци ги извршила сите прилагодувања, адвокатот на тужителот ја повлекол тужбата.
МЗМП денеска изразија благодарност за брзата и совесна реакција на Општина Кавадарци и овој случај го посочија за пример во борбата против дискриминација на лицата со телесна попреченост.
МЛ