Министерството за образование и наука набави и дистрибуираше до училиштата таблети за ученици од четврто одделение од семејства во социјален ризик. Oд вкупно набавените 10 000 уреди, досега се подигнати 3000.
Со оваа опрема во пракса започнува и имплементацијата на новата образовна Концепција за основно образование, со која се предвидува осовременување на образовниот процес, односно учениците од прво и четврто одделение ќе учат по целосно нови наставни програми и од нови материјали за учење, чија подготовка е во завршна фаза, наведува МОН.
Новина во наставата во четврто одделение е што предност ќе им се даде на дигиталните учебници, кои ќе бидат само една алатка повеќе за успешно совладување на материјалот.
Со обезбедувањето на таблети за учениците во социјален ризик се овозможува еднаков пристап на сите ученици за користење современи средства за учење, односно даваме можност мултимедија при учењето да користат и учениците кои поради финансиски потешкотии тоа не можеа да си го дозволат порано. Новите наставни програми треба да обезбедат поголема интерактивност за време на наставата и да го поттикнат креативното и критичко размислување кај учениците, соопшти Министерство.
Новата Концепција за основно образование од 1 септември ќе почне да се применува во прво и четврто одделение, а потоа етапно, во наредните пет до шест години, во план е да биде спроведена целосно во деветолетката.