Министерството за образование и наука ги задолжи училиштата да обезбедат податоци за оние ученици кои немаат услови да ја следат онлајн наставата.
„Имајќи предвид дека има ученици во чие место на живеење нема достапен интернет, а има и ученици кои потекнуваат од социјално ранливи семејства и можеби не располагаат со електронски уреди, Министерството за образование и наука заложувајќи се да изнајде решение за сите ученици да бидат вклучени во далечинското учење, се обрати до училиштата со барање да се обезбедат овие податоци во најкус можен рок“, велат од МОН за Радио МОФ.
Оттаму информираат дека по добивањето на податоците и нивна анализа, заедно со локалните самоуправи ќе се обидат да најдат начин наставата да продолжи за сите ученици.
Учениците и средношколците неделава добија онлајн платформа преку која ќе може да следат настава додека трае вонредната состојба поради Ковид-19 коронавирусот.
„Е-училницата“ содржи видео-лекции, долги по 15 минути, преку кои се разработуваат задолжителните лекции за сите одделенија. Во нив, наставниците имаат и кусо излагање, објаснувајќи ги најважните од часот.
Ова е првпат да се воведе национална онлајн платформа за далечинско учење. Неа ја изработуваат Бирото за развој на образование (БРО) и УНИЦЕФ.