Оливер Карол , дописник на угледниот магазин Економист, јавува за наводна можна средба помеѓу рускиот и украинскиот претседател Владимир Путин и Владимир Зеленски. Тој на својот Твитер налог објави дека портпаролот на Кремљ ја потврдил средбата.
Карол на Твитер напиша:
Сега Песков од Кремљ потврди можна средба меѓу Путин и Зеленски .
Изјавата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дека средбата меѓу претседателите на Русија и Украина е концептуално можна, ја пренесува и руски Интерфакс.
„Никој не ја исклучува можноста за самит Путин-Зеленски. Да, навистина, концептуално, тоа е можно, но прво делегациите и министрите мора да го направат својот дел за претседателите да не се сретнат само заради процесот и разговорите, туку да се сретнат да постигнеме резултат“, рекол Песков.
Во прилог на ова тврдење оди и поканата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган до украинскиот и рускиот претседател да се сретнат во Турција за да разговараат за разликите и да ги решат проблемите.
Како што пренесува Укринформ, ова го изјави портпаролот на Ердоган, Ибрахим Калин, кој зборуваше за време на дискусија во тинк-тенкот на Фондацијата Круг за време на Дипломатскиот Форум во Анталија.
„Турција е подготвена да одигра каква било улога што може да ја одигра за намалување на тензиите меѓу Русија и Украина. Ние го правиме тоа и како пријател на Русија и Украина и како сојузник на НАТО“, рече Калин.
Тој рече дека претседателот Ердоган ги поканил Зеленски и Путин да дојдат во Турција и да одржат состанок „за да ги решат проблемите и разликите“.
Калин рече и дека за неколку недели Ердоган ќе ја посети Украина и ќе се сретне со Зеленски.
„Истовремено, ќе бидеме во близок контакт со Русите за да избегнеме каква било воена акција што би имала сериозни последици“, рече Калин.
Тој нагласи дека Турција го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Ердоган постојано изјави дека Турција е подготвена да учествува во решавањето на ситуацијата во источна Украина како посредник, бидејќи одржува добри односи и со Украина и со Русија и се надева на мирно решение.
Предходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски исзјави дека е потребен директен разговор меѓу него и претседателот Путин
Инаку, Турција веќе беше домаќин на првата официјална средба на високо ниво, помеѓу украинскиот и рускиот шеф на дипломатијата, Кулеба и Лавров, која за жал немаше напредок во преговорите.
Д.Мишев