Фондацијата „Метаморфозис“ ги демантира тврдењата на поранешниот министер за правда Михајло Маневски, објавени на 21 март во дневните весници „Дневник“ и „Вечер“ и на ТВ „Нова“.
Медиумите ја пренесоа изјавата на Маневски во која тој тврди дека „Метаморфозис“, организирала обуки од кои произлегуваат насилни демонстранти, кои наводно, како дел од Шарената револуција, студентските протести и протестите за заштита на ГТЦ, палеле, сквернавеле споменици и демолирале објекти.
„Фондацијата ‘Метаморфозис’ преку своите обуки ги гради капацитетите на невладините организации за користење на новите технологии, за да бидат поефикасни во остварувањето на нивните мисии и во нивните напори за зајакнување на демократијата, владеењето на правото, човековите права, борбата против корупција и заштитата на животната средина. ‘Метаморфозис’ не организира обуки за протести, туку работи во согласност со својата мисија, придонесувајќи за развој на демократијата и за подобрување на квалитетот на живеење, преку иновативна примена и ширење на знаењето. Фондацијата секогаш работи во согласност со законите на Република Македонија“, се вели во демантот на Фондацијата.
Како што изјавуваат за ЦИВИЛ Медиа од „Метаморфозис“, доколку наведените медиуми до кои е испратен демантот не го објават, тие понатаму планираат „примена и на саморегулаторни и законски механизми“.