Министерство за труд и социјална политика информира дека во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита за месец мај, 2020 година како: гарантиран детски додаток, детски додаток, посебен додаток за месец 06/2020, ЕПП за новороденче, родителски додаток за трето дете, родителски додаток за четврто дете, единствен родителски додаток, образовен додаток – студирање, гарантирана минимална помош ГМП, туѓа нега, постојана парична помош, еднократна парична помош, мобилност и слепило, цивилна инвалиднина, социјално домување, социјална сигурност- социјална пензија, азиланти домување, парична помош за згрижувач и паричен надоместок за згрижувачко семејство.
Од министерството информираат дека со цел да се избегне метеж пред банките и да се овозможи поголема заштита на корисниците на парична помош во услови на опасност од вирусот КОВИД-19, исплатата ќе се спроведе во три групи, во филијалите и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето.
„Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство, од денес, 2 јуни. Министерството за труд и социјална политика потсетува на обврската за носење маска и одржување физичко растојание од два метра“, информираат од министерството.