По повод Меѓународниот ден за уништување на огненото оружје во погоните на Еуроникел индустри во Кавадарци, беа уништени оружје и наркотични дроги одземени по основ на правосилни судски одлуки, донесени по завршени кривични постапки. Уништувањето на дрогата и оружјето го спроведе Министерството за внатрешни работи, Државната комисија за уништување на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори и Агенцијата за управување со недвижен имот.
Согласно претходно утврдени законски процедури, огненото оружје и наркотичните дроги претходно беа преземени од магацините на судовите и складирани во магацините на МВР, согласно Планот за преземање на мерки и активности за преземање, транспорт и складирање на огненото оружје и наркотички дроги, јавува МВР.
„Станува збор за уништени повеќе од 600 парчиња оружје , од кои најголемиот дел се пиштоли -358, ловечки пушки – 142, автоматски пушки -32, воздушни пушки – 54, еден ракетен фрлач и друго. Во поглед на уништени количини на дрога, станува збор за повеќе од 400 килограми наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, и тоа марихуана, хашиш, кокаин, хероин, амфетамини и друго. Сакам да се заблагодарам на раководството на Еуроникел индустри што изрази подготвеност и добра волја и без никаков надомест ни беше понудено заеднички да ја реализираме целата оваа активност“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Министерството за внатрешни работи продолжува со континуирани акции за заплена на нелегално оружје и дрога, за што постојано соодветно ја информираме јавноста. Во борбата со нелегалното оружје во 2018 година има зголемување на откривачката дејност во однос на 2017 година. Во 2018 година беа откриени 187 дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје“, за што кривично се пријавени 205 сторители.












