На 2 ноември, на Денот на борба против неказнивоста за злосторства против новинари, Националниот комитет на Украина, во соработка со Меѓународната програма на УНЕСКО за развој на комуникациите, апелираше до меѓународните партнери со повик да го привлечат вниманието кон системските злосторства на Русија против украинските медиуми, објави на Фејсбук Министерството за култура на Украина.
Од почетокот на целосната инвазија во 2022 година, 116 новинари загинаа, од кои 18 – при вршење на своите должности. Најмалку 26 цивилни новинари и еден воен медиумски службеник сè уште се во руско заробеништво.
Организацијата го осуди нелегалното притворање, тортурата и убиствата на новинари, дезинформациските кампањи и случаите на технолошки ориентирано родово насилство (TFGBV) против украинските медиуми.
Комитетот објави дека:
• новинарот служи на правото на јавноста на вистината, а не на државата или политичките сили, па затоа изедначувањето на пропагандистите со новинарите е неприфатливо;
• Според резолуцијата 68/163 на Генералното собрание на ОН, новинарите во конфликтните зони се цивили кои имаат право на заштита;
• статусот на новинарите не може да се шири на лица кои свесно се вклучуваат во пропаганда на војна или поттикнуваат омраза. Украинскиот комитет при УНЕСКО апелираше до меѓународната заедница:
• да го запре прогонот на новинарите и да ги ослободи сите затвореници од медиумите;
• да создаде ефикасен меѓународен механизам за гонење на злосторства против новинари;
• да ги поддржи независните истражни групи кои истражуваат вакви злосторства, особено на окупираните територии;
• да ја зајакне координацијата меѓу меѓународните структури и украинските органи за спроведување на законот;
• да обезбеди финансиска и техничка поддршка на организациите кои документираат криминал и им помагаат на новинарите;
• Јасно да ги осуди обидите за легитимирање на државната пропаганда под маската на новинарството.
Во неодамнешен напад со руски беспилотни летала беа убиени новинарката на „Фридом ТВ“, Олена Храмова, и снимателот Јевген Кармазин на 23 октомври во градот Краматорск во Донецката област.
Како што објави претходно ЦИВИЛ Медиа, кон крајот на февруари телото на украинската новинарка Викторија Рошчина, која почина по тортура во руско заробеништво, беше вратено во Украина. Рошчина (27) исчезна во август 2023 година додека известуваше од териториите на Украина окупирани од Русија. Рошчина била затворена во најмалку два озлогласени руски затвори: казнената колонија бр. 77 во Бердијанск во окупирана Украина и притворниот центар бр. 2 во руски Таганрог, познати по употребата на тортура врз затворениците.
Русија изврши 848 злосторства против новинари и медиуми во Украина во текот на три и пол години од целосната инвазија, објави Институтот за масовни информации на 7 октомври.
Д. Мишев












