Се надевам дека на почетокот на идната година ќе има уште едно проширување на позитивната листа, можеби не со девет лекови, но со неколку сигурно ќе имаме, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Одговорајќи на новинарски прашања, Таравари напомена дека тенденцијата е позитивната листа да се надополнува минимум два пати годишно.
– Нови лекови на позитивната листа има од пред три недели, денеска во аптеките се веќе во оптек девет нови лекови. Се надевам дека во почетокот на идната година ќе има уште нови лекови, минимум два пати годишно ќе се обидеме да ја надополниме позитивната листа. Знам дека никогаш не е доволно и дека би било најдобро сите лекови да бидат на позитивна листа и ништо да не плаќаат граѓаните, но, ние, сепак, сме сиромашна држава и треба да рационализираме, истакна Таравари по промоцијата на новиот микроскоп во државната Очна клиника.
Тој информира и дека интензивно се разговара да се покачи капитацијата за матичните доктори, прнесе МИА.