Зоран Заев и Алексис Ципрас денеска претседаваа со седница на Високиот Совет за соработка помеѓу меѓу двете земји, што се одржа како дел од заедничките меѓувладини активностите и агендата на официјалната посета на премиерот Ципрас и владината делегација на Грција.
„Имаме што да си дадеме едни на други во таа соработка. Имаме многу да надоместиме, и убеден сум дека тоа е од огромен интерес и корист за сите граѓани од двете земји. Кога со Алексис го започнавме тешкото патување за да го затвориме долгиот спор што го имавме, ние не бевме сигурни дека ќе стигнеме до овој историски момент. Можам слободно да кажам, дека пред една година, само неколку луѓе во целиот свет сметаа дека можеме да стигнеме толку далеку. Но јас знам, дека ние секогаш имавме амбиции и политичка волја да одиме уште подалеку во градењето на нашето пријателство и во отворањето на нови можности за подобри односи и посилна соработка“, истакна премиерот Заев на отворањето на седницата.
На седницата учествуваа и министрите на двете влади кои реферираа за разговорите и постигнатите договори од нивните меѓусебни билатерални средби кои се одржаа непосредно пред седницата на Високиот Совет за соработка помеѓу меѓу двете земји.
Грчкиот премиер Ципрас нагласи дека неговата посета и самата седница се историски и се во интерес на унапредување на односите меѓудвете земји.
По завршување на седницата, Ципрас изјави дека е потпишан Меморандум за соработка преку кој Грција ќе врши надзор на воздушниот простор над Северна Македонија.
„Знаете ли што е надоместот за нас, тоа е стабилноста во нашиот регион. Ние сакаме сосед кој е политички стабилен и политички просперитетен. Само тогаш ќе се чувствуваме безбедни. Грција има врвни вештини и знаења во авијацијата, најразвиени во Источна Европа. Ние ќе ја поддржиме РСМ во напорите да генерира стабилност и безбедност“, рече Ципрас.
Премиерите Заев и Ципрас во рамки на седницата го потпишаа Акциониот план за интензивирање и зголемување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Грција, согласно предвиденото во Спогодбата од Преспа, Заменик претседателот на Владата за европски прашања Бујар Османи и алтернативната министерка за надворешни работи на Грција Атанасија Сија Анагнастопулу потпишаа Меморандум за соработка меѓу Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи на Грција за забрзување на процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Меѓу документите за соработка, беше потпишана и Спогодба меѓу Република Северна Македонија и Грција за отворање на нов граничен премин меѓу двете земји кој ќе го поврзува Мајден во Република Северна Македонија и Промахој во Грција, кој го потпишаа Андреј Жерновски, заменик министер за надворешни работи на РСМ и Атанасија Сија Анагнастопулу, алтернативен министер за надворешни работи на Грција.
Б. Ј.