Професорката Мирјана Најчевска на својот Фејсбук профил напиша дека и стигнаа две решенија со кои Комисијата за прекршоци при МВР утврди дека е одговорна за фрлање боја на објекти на државата и ја задолжи да плати 200 евра.
„Тоа e онаа комисија која е под надлежност на теологот министер за внатрешни работи кој дојде на власт како резултат на Шарената револуција чиј дел бев и јас, а која што се состоеше токму во фрлање боја на институциите запоседнати од страна на режимот на Груевски со цел избегнување било кој облик на насилство. Имам намера да го оспорам Решението пред Управен суд, да поведам постапка за дискриминација и да му плукнам на Заев и на неговиот потрчко-теолог кој го поставил за министер за внатрешни работи под прозор“, истакна Најчевска.
Таа ги повика другарчињата од Шарената револуција кои се дел власта да преземат нешто со цел запирање на натамошната виктимизација на учесниците во Шарената револуција кои не се сместија во фотељите на власта.
„Јас ова го разбирам како обид да бидам замолчена, како обид да запрам со критика на кој било кој се наоѓа на власт и обид да биде уништен гласот на оние независните кои не припаѓаат на ниту една политичка партија. Власта која не трпи критика е мртва и нема никаква иднина“, потенцира Најчевска.