Релевантни научни тимови спроведоа повеќегодишни истражувања и анализи на безбедноста во сообраќајот. Истражувањата се извршени во 48 држави во светот, на репрезентативен примерок од најмалку 10 проценти од возачите на секаков вид превозни средства со различни видови погонско гориво (бензин, дизел, плин, електрична енергија и сл.).
Тие дојдоа до научниот заклучок дека безбедноста во сообраќајот не е загрозена ни малку доколку возачите, иако возат и истовремено пишуваат пораки на својот мобилен телефон, погледнуваат пред себе на секои две до три секунди.
Значи, доколку возачите пишуваат порака на Фејсбук или пребаруваат нешто на Гугл, доволно е да погледнуваат пред себе на 2-3 секунди и – сите се безбедни.
Извесно е дека ова најново научно откритие за безбедноста во сообраќајот нема да претставува ништо ново за скопските возачи, бидејќи тие тоа веќе одамна го знаат и масовно го практикуваат. Безбедно.
Александар М. Арнаудов – Роки