Независниот академски синдикат денеска одржа техничка средба со Министерката за образование и наука, Мила Царовска, во просториите на МОН.
„Пред Министерката беа презентирани анализите и истражувањата на НАкС за актуелните проблеми низ кои минуваат вработените во високото образование и студентите. При тоа, се акцентираше делот за оценка на квалиетот во високото образование, улогата и законитоста на Интеруниверзитетската конференција, итноста за усвојување на ажурирана Фраскатијева класификација, како и други недостатоци во Законот за високото образование кои се констатирани во периодот на неговата досегашна имплементација. Говорено е за итноста за вработување на млади кадри и замена на пензионираниот наставен кадар, системско структуирање на платите на вработените, потребата да се задржат студентите на додипломски и последипломски студии во државата преку стипендии, зголемено финасирање на научно-истражувачката и уметничка работа, како и да се овозможи пристап до базите на научни списанија.
Министерката Царовска одговори дека нејзините заложби за разрешување на посочените проблеми ќе се базираат врз нејзиниот даден мандат и постојната законска рамка што беше протолкувано од наша страна дека сегашната Влада и ресорната министерка се задоволни со донесувањето на Законот за ВО во изминатиот мандат на Владата и нема да се отвора прашањето за измени на ЗВО. МОН веќе има почнато да работи врз дефинирање на структурата на платите на вработените во високото образование. Во таа смисла, беше реафирмирано прашањето за колективен договор, чиј предлог- текст НАкС го има доставено до МОН пред нецела година. За потсетување на јавноста, овој Колективен договор предвидува дека платите на вработените во високото образование и наука треба да бидат пресметувани согласно коефициент во однос на минималната плата и да соодветствуваат на платите во регионот.
Околу финализацијата на Колективниот договор, министерката Царовска задолжи вработени во МОН да отпочнат со работа кон средината на октомври, оваа година“, се вели во соопштението на Накс.