ЦИВИЛ организира панел дискусија на тема „Руско-украинската криза и Северна Македонија“ на 9 февруари (среда), во 13 часот, во ЦИВИЛ прес центарот во просториите на Бизнис центарот „Палома Бјанка“ во Скопје.
Своите сознанија и анализи на темата со јавноста ќе споделат: Амбасадорката на Украина, Н.Е. Наталија Задорожњук, раководителката на проектот „Дезинформациите и информациската дисторзија во Северна Македонија“, Росана Алексоска од граѓанската асоцијација МОСТ, деканка на правниот факултет на универзитетот „Визион“ – Гостивар и прва жена докторантка на Воената академија, Весна Попоска, како и новинарите и аналитичари Александар Николиќ Писарев и Љубомир Костовски. Модератор на панел дискусијата ќе биде Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ и главен уредник на ЦивилМедиа, инаку автор на повеќе анализи на оваа тема, како и на темите поврзани со различни аспекти хибридната војна.
Ова е прва од најавената серија панел дискусии на ЦИВИЛ за актуелни светски и домашни теми, кои ќе се одржуваат најмалку еднаш неделно, од почетокот на февруари, секоја среда, со почеток во 13 часот.
Меѓу извонредно интересните и актуелни теми што ги одбра тимот на ЦИВИЛ е и најактуелната тема во светски рамки, руско-украинската криза.
На настанот ќе се разговара за загрозувањето на самостојноста, сувереноста и мирот на Украина, солидарноста и поддршката од Северна Македонија кон оваа пријателска земја, дезинформациите и пропагандата против сувереноста и слободата на Украина.
Настанот ќе биде со комбинирано присуство на учесници, онлајн и со физичко присуство, а ќе се емитува на онлајн каналите на ЦИВИЛ, Јутуб и civil.mk. Медиумите и други заинтересирани ќе имаат можност да постават прашања по мејл на civil.mk.02@gmail.com во текот на целиот настан.