Членките на НАТО му ветија на Кијив повеќе оружје и опрема за обнова на инфраструктурата уништена од руските напади со цел да се врати снабдувањето со греење и електрична енергија, и повторија дека Украина ќе стане членка на Алијансата, без да прецизираат рокови, јавуваат агенциите од состанокот во Букурешт.
Украина, претставена од нејзиниот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, ги повика земјите-членки собрани на министерскиот состанок во Букурешт да ја забрзаат испораката на оружје и електрична опрема за да и помогнат, по повеќе од девет месеци војна, да ја обнови енергетската инфраструктура оштетена од руските напади.
Минатиот пат кажав три збора: оружје, оружје, оружје. Овој пат имам три други зборови: побрзо, побрзо и побрзо, изјави Кулеба пред средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, пишува агенцијата АФП.
Шефот на украинската дипломатија истакна дека „се потребни системи за противвоздушна одбрана, ИРИС, Хавкс, Патриот, како и генератори (за нашите енергетски потреби)“.
Рускиот претседателот Путин се обидува да ја искористи зимата како оружје со „целни напади“ врз енергетската инфраструктура за да го лиши населението од греење, струја, вода, изјави Столтенберг за новинарите на почетокот на дводневниот состанок.
Според него, целта на Кремљ е „да предизвика што е можно повеќе страдање на украинските цивили за да не се скрши нивниот отпор, нивното единство во борбата против руската инвазија“.
Во изјавата, министрите на НАТО ги осудуваат „постојаните и непромислени руски напади врз цивилната и енергетската инфраструктура“ и ја потврдуваат одлуката од 2008 година дека Украина на крајот ќе стане членка на Алијансата, но не наведуваат конкретни чекори ниту рокови за приближување кон НАТО, пишува агенцијата Ројтерс.
Групата Г7, која се состана во Букурешт под германско претседателство на маргините на состанокот на НАТО, повика на мобилизација поради енергетската криза во Украина.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој синоќа пристигна во Букурешт, најави нова финансиска помош за Украина од 53 милиони американски долари.