Власта и опозицијата се договорија да се договорат. Со други зборови, не успеаја да дојдат до договор за 65-те амандмани на опозицијата за законот за Јавно Обвинителство, во кој треба да се реши и судбината на Специјалното јавно обвинителство. И министерката Рената Дескоска и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ признаа дека сѐ уште има разлики, но има и надеж за постигнување консензус, односно договор за новиот Закон за Јавно обвинителство.
Според министерката Дескоска, разликите се околу статусот на СЈО и употребата на аудио материјалите од прислушуваните разговори. Пред започнување на средбата, Милошоски изјави дека тие барат имплементација на праксата од Европскиот суд за човекови права но не прецизираше конкретни случаи и што конкретно бараат со тоа. По средбата, тој изјави само дека се договориле амандманите да се делат на две групи, каде во едната ќе бидат околу 20-те посуштински а во другата останатите кои според него имаат повеќе технички карактер.
Министерката за правда, Рената Дескоска, вечерва излезе и со став спротивен на Претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој на утринскиот брифинг за новинари денеска рече дека Законот за обвинителство нема да се стави на седница пред завршување на претседателските избори.
Дескоска, по средбата со претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, изјави дека, доколку се постигне договор со опозицијата, тогаш седница може да има и за време на кампањата, бидејќи тоа, според неа, ќе биде во интерес на запазување на роковите за интегративниот процес на земјава.
А. Зеќири