Неделава се очекува да пристигнат првите 250 терминали за читање на отпечатоци од прсти што ќе се применуваат на локалните избори на 17 октомври. Како што најави претседателот на ДИК Александар Даштевски во неодамнешното интервју за МИА, фингерпринт апаратите треба да бидат во земјава на 25 август.
За набавка на фингерпринт терминалите ДИК потпиша договор вреден 11 милиони евра со германската компанија „Дермалог“ , која покрај испорака на терминалите за читање отпечатоци од прсти, ќе треба да се грижи и за системот за нивно функционирање, како и за одржување во следните четири години односно четири изборни циклуси. Меѓу другото, вработени од компанијата треба да направат технички преглед на терминалите, како и прирачници за користење што ќе ги има секој претседател и заменик претседател на избирачки одбор, вклучувајќи и нивна обука за ракување. Терминалите нема да бидат поврзани со интернет, а се гарантира и безбедноста на личните податоци на граѓаните.
Во меѓувреме, се интензивираат подготовките за локалните избори, а на 21 август почна и увидот во Избирачкиот список, што ќе трае до 9 септември.