Со извиците „Нејќам цвеќе, сакам права!“ започна маршот за правата на жените и родова еднаквост кој се одржа под слоганот „Дали е среќен 8 март“.
„Денес маршираме за да покажеме дека трпението ни е на црвено, маршираме да покажеме дека веќе не толерираме празна реторика и не прифаќаме само декларативно залагање за родова еднаквост“, порачаа организаторите на маршот.
Главните барања што жените ги упатија до власта се итно и неодложно да се донесат три закони со кои ќе се подобрат нивните права – закон за прекин на бременоста, закон за спречување и заштита од дискриминација и закон за социјална заштита.
„Јас не сум слободна се додека било која друга жена е заробена, дури и ако нејзините окови се многу поразлични од моите“, „Феминизам, оргазми и социјална правда“, „Труе на хомофобија“, „И најголемиот маж е роден од жена“, „Скрши ги предрасудите“, „И транс-жените се жени“, „А можевме матичен гинеколог во секоја општина да имаме сега“, „Му благодарам на феминизмот за мојата слобода“, „Не ни треба феминизам? А од каде правото да носиме панталони?“, „Вистинските мажи се феминисти“, „Потребни ни се закони, не букети“, „Клиторисот има 8000 нервни завршетоци, а сепак не е толку чувствителен како Влатко Ѓорчев“, се само дел од транспарентите со кои денеска маршираа граѓанките и граѓаните.
Снешка Илиќ, од Платформата за родова еднаквост изјави дека нема повеќе да толерираат залагање за рамноправност на жените само на хартија.
„Жените и понатаму се неактивни на пазарот на труд, иако се повеќе образувани од мажите. Насилството врз жените и девојките е жална реалност во нашето општество. Стереотипите и омразата се присутни не само во приватната, туку и во јавната сфера“, истакна Илиќ од невладината организација „Реактор“.
Протестниот марш го организира платформата за родова еднаквост во која членуваат 22 невладини организации. На маршот протестираа и министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, носејќи маица со парола „Дигиталната револуција мора да е феминистичка“, како и министерката Мила Царовска, а во толпата беше присутна и Гордана Силјановска Давкова, претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
текст и фотографија: Маја Ивановска