Комисијата за политички системи и односи меѓу заедниците и на Законодавно-правната комисија повикувајќи се на автентично толкување на законот за референдум и други облици за непосредно изјаснување на граѓаните утврдија дека предлогот за покренување граѓанска иницијатива за распишување на референдум за нацрт Законот за дигитализирање на учебниците во основните и средните училиштата, е неуреден и со тоа се одбива барањето на Инцијативата „Учебници и настава мора да има“.
„Потписите не се собрани пред овластена институција – подрачните единици на Министерството за правда, каде што во работно време треба да се потпишат и треба печат од институцијата. Тоа е процедурата – на таков начин треба да се соберат 100 потписи. Кога ќе биде уредна иницијативата, треба да ја поднесат во Собрание и во рок од два дена Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија треба да донесат одлука за уредноста. Доколку е уредно поднесена, постапката продолжува понатаму – двете комисии упатуваат извештај до претседателот на Собранието“, изјави пратеничката Соња Мираковска, претседателка на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
„ВМРО-ДПМНЕ на секој начин се обидува да ги спречи реформите во образованието кои се во интерес на наставниците, на учениците и нивните родители. Откако им пропаднаа обидите за протести, откако се увиде дека освен нивните партиски членови, никој не ги поддржува, решија да собираат потписи за референдум. Но, знаејќи дека ја немаат поддршката од граѓаните, потписите за референдум ги собирале на начин спротивен на сите процедури“, реагираа и до СДСМ.